„Изборите ќе бидат во редовен термин, а за СДСМ е прифатливо крајот на април и почетокот на мај 2024 година да се одржат претседателските и парламентарни избори. СДСМ е подготвена и во името на врвните државни и национални интереси оди на двојна победа на претседателските и на парламентарните избори наредната 2024 година. Заедно ќе ја формираме следната проевропска Влада и заедно ќе ја внесеме земјата во ЕУ“, се посочува во соопштението од СДСМ.
СДСМ ги повикува сите политички субјекти, невладини организации, граѓански здруженија, активисти, сите кои го поддржуваат европскиот пат и иднината на земјата ја гледаат како полноправна членка на ЕУ да се приклучат во Европскиот фронт. СДСМ подава рака на сите проевропски и прогресивни, демократски сили, без разлика на етничка или идеолошка разлика. Заеднички, врз основа на европски принципи и демократски вредности да го создадеме Европскиот фронт и да ја оствариме стратешката цел: членство во ЕУ до 2030 година. Европски фронт за подобар, достоинствен живот дома, со повисоки плати и пензии, повеќе пари за граѓаните, подобар животен стандард, подобро образование, здравство, социјална сигурност, владеење на право и унапредена демократија. Европски фронт за европски стандарди и европски вредности, посочуваат од СДСМ.
Пред нашата земја и пред сите граѓани, според владејачката партија, е историска шанса за продолжување на европскиот пат и полноправно членство во ЕУ со заштитен македонски јазик и идентитет. Во името на следните генерации имаме обврска да ја реализираме заедно.
СДСМ проактивно ќе учествува во формирањето на Европскиот фронт и подготвена е да води до остварување на врвната државна цел, се вели во соопштението.