понеделник, 13 јануари 2025

СДСМ го повикува спикерот Гаши да преземе чекори околу интерпелацијата на Даути

Социјалдемократскиот сојуз бара од претседателот на Собранието, Африм Гаши да каже кои се следните чекори што ќе се преземат откако во петокот на пленарна седница беше изгласана интерпелацијата за претседателката на Комисијата за социјални работи, демографија и млади, Илире Даути. 

Објавено на

часот

Сподели

„СДСМ нема да навлегува во фарсата што во македонското Собрание ја прават Левица, ЗНАМ И ДПМНЕ. Без разлика на скриените мотиви на Левица, ЗНАМ и ДПМНЕ не може интерпелација да нема никаква правна последица“, велат од СДСМ.

Според партијата, целата одговорност околу несвикувањето седница за Законот за бранители и по усвоената недоверба за Даути, е кај претседателот на Собранието.

„Сега, откако е изгласана интерпелација, односно недоверба, исто така одговорност на претседателот на Собранието е да соопшти што ќе преземе и кои се неговите следни чекори“, се вели во денешното соопштение од СДСМ.

Во петокот, Собранието по расправата за интерпелацијата за Даути изгласа недоверба, но потоа од кабинетот на Гаши испратија соопштение во кое  нагласија дека гласањето нема правно-обврзувачки последици за разрешување и нема правно дејство. Именувањата и разрешувањата, велат од Кабинетот, се уредуваат со други посебни процедури утврдени во Деловникот на Собранието, законите и Уставот.

„Собранието на Македонија денеска одржа пленарна седница на која се разгледуваше интерпелацијата за работата на пратеничката Илире Даути, претседател на Комисијата за социјална политика, демографија и млади. Седницата се одржа во потполна согласност со Уставот на Македонија, Деловникот на Собранието и постоечките закони. Изјавите на одредени медиуми кои велат дека резултатот од гласањето за интерпелација наложува разрешување на г-ѓа Даути се неточни. Нагласуваме дека гласањето за интерпелацијата е израз на пратениците и нема правно обврзувачки последици за разрешување и нема правно дејство. Именувањата и разрешувањата се уредуваат со други посебни процедури утврдени во Деловникот на Собранието, законите и Уставот“, посочија од кабинетот на претседателот на Собранието.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ