„Ова е најголемата отворена најава за партизација на институциите во историјата. Станува збор за класичен партиски клиентелизам – вработување на партиски кадри, луѓе блиски до владејачките партии, без јасни критериуми и без гаранција за квалитет во јавните институции.
Ова е истата практика што ја гледавме за време на режимот на Груевски – полнење на администрацијата со партиски послушници, додека компетентните луѓе остануваат без шанса“, велат од СДСМ и поставуваат повеќе прашања упатени до премиерот и партијата ВМРО-ДПМНЕ.
„Според кои критериуми ќе се избираат овие 3000 вработени? Дали ќе има јавни конкурси или веќе постои список на „подобни“ кандидати? Дали овој список е веќе на масата на Христијан Мицкоски? Дали ВМРО-ДПМНЕ молчи затоа што веќе е договорено дека дел од овие вработувања ќе бидат за нивни кадри? ВМРО-ДПМНЕ, која додека беше во опозиција жестоко зборуваше против партиските вработувања, сега молчи“, констатираат од СДСМ.
Понатаму во соопштението, СДСМ бара од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) итно да постапи по изјавата на Меџити. Освен тоа, бара и итно стопирање на сите моментални вработувања во државната администрација, како и целосна истрага за овој скандал од надлежните институции.
„Ова не смее да остане неказнето. СДСМ ќе се спротивстави на оваа политика и ќе ја брани праведноста и транспарентноста во институциите. Граѓаните заслужуваат држава во која секој ќе има еднаква можност, а не држава во која работните места се распределуваат според партиски списоци“, порачуваат од СДСМ.
На прашањата и барањата на СДСМ, веднаш возвратија од ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи дека СДСМ „шири бесрамни лаги со цел да ја прикрие катастрофалната состојба во која ја остави државата“.
„Лагите на пуленот на ДУИ немаат крај СДС повторно шири бесрамни лаги со цел да ја прикрие катастрофалната состојба во која ја остави државата.
Тврдењата дека Владата ќе вработи 3.000 лица се целосна невистина и очаен обид на СДС да најде оправдување за сопствениот политички неуспех. Ако некој создаде армија на неспособни партиски војници и ја претвори државната администрација во штаб на Бихаќка, тоа е токму СДС!
Дополнително, ако има вработувања, тие ќе бидат исклучиво во согласност со пописот и реалните потреби на институциите, а не по партиски список како што правеше СДС.
Смешно е што СДС денес држи прес-конференции наместо ДУИ, против Влен. До толку се зависни од ДУИ што еден ден природно ќе си го исполнат стариот договор и ќе се спојат во една партија.
Оваа Влада е посветена на квалитет, а не на партиски списоци, и тоа граѓаните го гледаат.
Паниката во редовите на СДС е очигледна – знаат дека повеќе нема шеми, тендери и дебели хонорари за нивните послушници, па измислуваат скандали кои постојат само во нивните глави“, се вели во возвратното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.