недела, 29 декември 2024

СДСМ бара да бидат повлечени измените на Законот за основно образование, поради дискриминација на децата со попреченост

Партијата СДСМ, на прес-конференција, побара од министерката за образование, Весна Јаневска, да ги почвече предлог-измените на Законот за основно образование, зашто ваков каков што е поднесен во моментов, врши дискриминација на децата со попреченост, води кон враќање на специјалните училишта и го враќа стресот кај родителите околу достапноста на образовните асистенти.

Објавено на

часот

Сподели

„Затоа овој закон мора да биде повлечен и доработен во насока на вистинска инклузија и развој на децата со попреченост.

Козметички интервенции за да се прикаже инклузивност, не е исто како и уважување на укажувањата на меѓународните организации и стручните тела.

Оспорувањето на инклузијата на учениците со попреченост е неприфатливо. Комисијата за заштита од дискриминација посочи дека предложените измени се спротивни на концептот на инклузивно образование. Наместо унапредување, овие измени значат враќање кон специјалните училишта, со што се ограничуваат можностите за еднаков развој и учество на децата со попреченост.

Владата не го прифати нашиот  амандман за вработување на образовните асистенти на неопределено време, со што ќе се гарантираше континуитет и ќе се спречеше стресот за децата и родителите секоја година.

Децата не смеат да бидат поделени по ниеден основ. Нашето општество не смее да се враќа назад. Сите деца се наши деца. Ниедно дете не смее да биде дискриминирано“, вели Даниела Николова, пратеничка од СДСМ.

Според претставниците на опозициската партија, загрижува и одлуката да се избришат термините „род“, „родова еднаквост“ и „родов идентитет“ како дискриминаторски основи.

„Ова не само што е спротивно на Уставот и меѓународните обврски на државата, туку создава простор за насилство и дискриминација, особено во училиштата, кои треба да бидат најбезбедни за децата.

Ја повикуваме министерката Весна Јаневска да го повлече предлог законот за основно образование и заедно со стручната фела да го подобриме текстот и да ги заштитиме сите деца. Ние сме спремни да се вклучиме во таков процес.

Ја повикуваме и претседателката Гордана Силјаноска-Давкова како застапничка за еднаквост, родова рамноправност и недискриминација, да се вклучи и да се бори за правата на децата со попреченост и нивното право на образование“, порачува Николова, од името на СДСМ.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ