Посетата на Трамп на Саудиска Арабија во 2017 година ја прекина традицијата американските претседатели обично прво да патуваат во Обединетото Кралство. Овој потег ги истакна блиските врски на неговата администрација со владетелите на земјите од Заливот богати со нафта, додека истоимената компанија за недвижнини на Трамп, исто така, склучуваше зделки низ регионот.
Коментарите на престолонаследникот Мохамед бин Салман, пренесени од државната саудиска агенција за печат рано денеска, беа дадени за време на телефонскиот разговор со Трамп. „Престолонаследникот ја потврди намерата на кралството да ги прошири своите инвестиции и трговија со Соединетите Држави во текот на следните четири години, во износ од 600 милијарди долари, а потенцијално и повеќе“, се вели во извештајот.
Во извештајот не е прецизирано каде може да се насочи оваа инвестиција и трговија. САД се оддалечуваат од својата зависност од саудискиот извоз на нафта во последниве години, што беше основа на нивните односи со децении. Саудиските суверени инвестициски фондови инвестираа големи суми во американски компании, а исто така ги истражуваа можностите за инвестирање во спортот.
Сепак, Саудиска Арабија продолжува во голема мера да се потпира на американското оружје и одбранбените системи, кои би можеле да бидат дел од гореспоменатата инвестиција.
Белата куќа не излезе веднаш со соопштение за разговорот. Исто така, не е јасно дали разговорот на Трамп со престолонаследникот е негов прв со странски лидер по враќањето во Белата куќа. Сепак, тоа беше првиот забележан разговор со странска земја.
Престолонаследникот, де факто владетел на кралството богато со нафта, рано утринава разговараше и со американскиот државен секретар Марко Рубио.
Во понеделникот, по инаугурацијата, Трамп ја спомена можноста повторно да замине во кралството како прва странска дестинација, слично на она што го направи во 2017 година.
„Првата посета во странство обично беше во Обединетото Кралство, но… Последниот пат отидов во Саудиска Арабија бидејќи тие се согласија да купат наши производи во вредност од 450 милијарди долари“, им рече Трамп на новинарите во Овалната соба. „Доколку Саудиска Арабија сака да купи нови производи во вредност од 450 или 500 милијарди долари – ние ќе го прилагодиме тоа на инфлацијата – веројатно би одел“.