вторник, 11 февруари 2025

Саудиски функционер до Трамп: Однесете ги вашите сакани Израелци на Алјаска и Гренланд

Членот на саудискиот Советодавен одбор Шура, Јусеф бин Трад Ал-Садун го критикуваше предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп за преселување на Палестинците од Појасот Газа, сугерирајќи дека преселувањето на Израелците на Алјаска и Гренланд би било подобро решение за стабилноста на Блискиот Исток.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Трамп повеќе пати предложи преселување на Палестинците од Газа, тврдејќи дека ќе спроведе извонреден план за реконструкција за енклавата да ја претвори во „ривиера на Блискиот Исток“.

По изјавите на Трамп, кои беа критикувани од многу земји, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во четвртокот иронично сугерираше дека Палестинците треба да основаат своја држава во Саудиска Арабија наместо во својата татковина, отфрлајќи секаква идеја за палестински суверенитет.

„Саудијците можат да создадат палестинска држава во Саудиска Арабија. Таму имаат многу земја“, рече Нетанјаху.

Членот на саудискиот Советодавен одбор Шура, Ал-Садун, во неделата ги повика Палестинците да останат обединети. Тој предупреди дека допрва следат тешки денови, а одговори и на предлозите на Трамп.

„Ако Трамп навистина сака да биде херој на мирот и да постигне стабилност и просперитет за Блискиот Исток, тој треба да ги пресели своите сакани Израелци во државата Алјаска, а потоа на Гренланд, откако ќе ја преземе власта“, рече Ал-Садун во написот за саудискиот весник Оказ во петокот.

Садун, исто така, го отфрли повикот на Нетанјаху за формирање палестинска држава на саудиска територија. „Ционистите и нивните сојузници мора да сфатат дека нема да успеат да го фатат саудиското раководство во медиумски стапици и лажни политички притисоци“, рече тој.

Саудискиот функционер дополнително го критикуваше одлучувањето на Трамп, тврдејќи дека лоши одлуки носат оние кои го игнорираат акумулираното знаење и експертиза и одбиваат да се консултираат со експерти.

Тој, исто така, го обвини Вашингтон дека слепо ги прифаќа израелските методи. „Официјалната надворешна политика на Соединетите Држави се залага за нелегална окупација на суверена земја и етничко чистење на нејзиното население, што се методи на Израел и претставуваат злосторства против човештвото“, предупреди тој.

Саудиска Арабија остро ги осуди коментарите на Нетанјаху за палестинска државност во Саудиска Арабија и го истакна правото на палестинскиот народ на својата земја.

Саудискиот совет Шура, чии членови ги именува кралот, ги советува властите во земјата за политика и законодавство, но нема законодавна моќ. Се фокусира на законите, економските планови и социјалните политики.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ