Таа смета дека енергетиката е сектор кој се планира долгорочно и Македонија мора да има долгорочна енергетска стратегија.
„Најпрво мора да се види работењето на ЕСМ, сите тендери кои се договарани во четири очи, што се е набавено и целокупното работење на енергетските капацитети. Секако тука се и сите останати тендери во МЕПСО, недозволеното повлекување на електрична енергија од УЦТЕ и фактурите кои достигнуваат 20 милиони евра… Процедурите за набавка на електрична енергија во ЕСМ и секако продажбата на вишокот на електрична енергија, со над илјадници вработени во ЕСМ… цврсто сум убедена дека ЕСМ има капацитет самостојно да купува и продава од сите берзи а сега имаме и домашна берза на електрична енергија. Од корен мора да се смени трошењето на државни пари и да се работи транспарентно, граѓаните заслужуваат во секој момент да знаат што се случува со нивните пари. Мора да изградиме нови енергетски капацитети, да се прилагодиме на законот со ЕУ легислативата која опфаќа постројки за складирање на електричната енергија, да формираме регистар за гаранции за потекло на електричната енергија, да се поврземе со останатите регионални берзи како што тоа го направија Словенија, Србија и Унгарија, а воедно и да ја модернизираме постоечката преносна и дистрибутивнa мрежа“, вели Божиновска.
„Замислете што сѐ ќе се направеше со 344 милиони евра народни пари, за кои немаме отчет каде отидоа за енергетската криза? Тоа се пари кои владата во заминување ги префрли на ЕСМ, а во исто време ЕСМ има доспеани, а неисплатени обврски од околу 70 милиони евра?! Мора да се утврди за што се потрошени овие пари и да се побара одговорност. Оваа влада го зголеми долгот за над 4 милијарди евра, ги наруши фискалните правила за буџетски дефицит и јавен долг утврдени со Закон, а нема никаква капитална инвестиција и има економски раст од само 1,6 отсто за цел период на владеење! Само за четири месеци имаме искорисување на 60 отсто од предвидениот дефицит за оваа година. Ќе треба веднаш да се направи ребаланс и домаќинско управување со народните пари. Ќе треба реформи во УЈП, во наплатата на даноци, во мобилизација на приходи преку интеграција на сивата економија во официјална економија.
Главниот фокус во наредните четири години ќе биде ставен врз инвестициите, а не врз потрошувачката како што е сега. Планираме реализација на капитални инвестиции со вистинска додадена вредност“, вели Божиновска.
Таа ја поддржува идејата за основање на посебно министерство за енергетика.
„Тоа е еден од многутте новитети кои идната влада на ВМРО-ДПМНЕ планира да ги реализира со цел поефикасно справување со многуте предизвици со кои се соочуваше и се соочува Македонија во делот на енергетиката. Се сеќавате дека заради акутниот недостаток на долгорочна визија и конкретни капитални инвестиции во енергетиката, кадровските промашувања и погрешните политики низ сите овие години, Република Македонија беше оставена во последен момент, самата да се справувува со енергетската криза, која ја предизвикаа надворешни фактори, пред се, војната во Украина и ценовните шокови кои ги предизвика тој конфликт на светските енергетски пазари.
Мора да бидеме реални и да кажеме дека работите нема да можат да се променат веднаш, но реализацијата на идејата за ново министерство ќе биде првиот чекор кон ставање ред во овој домен, зголемување на координацијата и креирањето издржливи, а пред се, реални и остварливи политики во областа на енергетиката.
Енергетската ефикасност е веќе неколку години тренд во ЕУ и, секако, Македонија како земја која се гледа во европското семејство треба да ги применува овие практики. Од тоа што можам да прочитам, а има малку податоци, во Македонија има мала искористеност на пристапните фондови за енергетска ефикасност. Имаше олеснувања во Законот за изградба на фотоволтаици до 40 кW, тoa e за поздравување. Меѓутоа, само за споредба, процедурата да изградите ФЕЦ и луксузен огромен хотел е иста. Мислам дека има премногу непотребни административни процедури за кои роковите не важат и кои мора да се сменат во иднина. Се надевам дека во иднина ќе имаме министерство за енергетика по пример на земјите од регионот и од ЕУ и сектор кој ќе се занимава исклучиво со аплицирање до достапните фондови и ќе комуницира со сите странски институции и фондови кои нудат средства за енергетска ефикасност.
Во однос на конкретните детали околу министерсвото, кадровската пополнетост и раководењето со еден таков нов орган, во овој момент е рано да се говори, бидејќи најпрвин треба да бидат исполнети законските предуслови за да дојде до формирање на тоа министерство, за што верувам не само ВМРО-ДПМНЕ, туки и потеницијалните коалициони партнери, но и останатите ќе покажат разбирање и подготвеност да се направи тој прв чекор.
Во однос на кадровската пополнетост, лично сметам дека во Република Македонија постојат професионалци кои долги години работат во доменот на енергетиката и чие искуство би било многу корисно“, вели Божиновска.
Таа ги повтори заложбите на ВМРО-ДПМНЕ за изградба на две когенеративни централи за гас и гасификацијата.
„Ова значи дека во исто време ќе се снабдуваме и со топлинска и со електрична енергија. Енергијата добиена од овие централи ќе ни даде можност да вршиме балансирање на системот кога ќе е потребно. Исто така има план за изградба на ветерни паркови Богданци, Миравци и уште еден проект од 200 МВ. Со овие сопствени капацитети Македонија ќе има квалитетен енергетски систем. Стратешки инвестиции се добри за Македонија доколку Македонија има бенефиции и се за доброто на граѓаните. Во ниту еден случај не може да дозволиме странски фирми да ни ги експлоатираат нашите природни ресурси и притоа да имаме фискални импликации во нашиот буџет и никаква додадена вредност на нашиот енергетски систем. Под тие услови Македонија сама треба да гради енергетски капацитети.
Значајно е да се градат и чуваат домашните капацитети бидејќи е потребно време за да се изградат сериозни енергетски капацитети. Ќе ја модернизираме РЕК Битола, кој што е постоен капацитет и кој што во последните години беше заборавен и ставен на маргините како извор на криминални тендери. Живееме во период на зелена транзиција, меѓутоа и во Германија и во Франција сеуште функционираат термоелектрани. Таа транзиција е започната, потребен е долг временски период и сериозни финансиски средства за зелената транзиција да биде успешна. Нашата цел е РЕК Битола и технички и технолошки да го модернизираме, да ги подобриме перформансите на производство, меѓутоа и да го намалиме загадувањето. Ќе го модернизираме и ТЕЦ Осломеј и ќе одлучиме на кој начин бидејќи за сето ова се потребни сериозни проценки. Одржливата, базна и домашна енергија ќе биде приоритет на идната влада на ВМРО-ДПМНЕ. Многу меѓународни институции даваат средства за зелена транзиција и сигурна сум дека со добри проекти ќе ги добиеме потребните средства“, рече Божинивска во интервјуто за Фактор.