сабота, 27 јули 2024

Самит Африка – Русија во Санкт Петербург: Путин вети и бесплатно жито

Објавено на

часот

Сподели

„Нашата земја може да го замени украинското жито, и комерцијално и во форма на бесплатна помош за африканските земји. Згора на тоа, оваа година повторно очекуваме рекордна жетва. Но, да бидам прецизен, ќе додадам дека во следните три или четири месеци ќе бидеме подготвени бесплатно да обезбедиме жито за Буркина Фасо, Зимбабве, Мали, Сомалија, Централноафриканска Република, Еритреја, по 25.000 – 50.000 тони жито. Ќе обезбедиме и бесплатна испорака на овие производи до потрошувачите“, рече Путин.

Во исто време, тој категорично ги отфрли „лицемерните“ обвинувања од Западот дека Русија сега ги со својата војна против Украина и блокадата на испораката на жито во оваа земја преку Црно Море игра „игри на глад“. Истовремено, како што рече, Русија денеска на светскиот пазар испорачува околу 20 проценти од пченицата. Путин бара олеснување на западните санкции, кои според него го попречуваат рускиот извоз на жито и ѓубрива.

Путин рече и дека повеќе од 200.000 тони ѓубрива од Русија се заглавени во европските пристаништа, кои Москва би можела да ги предаде и за хуманитарни цели.

„Се појавува парадоксална слика: од една страна, Западот создава пречки за испораката на нашето жито и ѓубрива. Од друга страна, да бидам јасен, лицемерно нѐ обвинуваат за кризната состојба на светскиот пазар“, рече претседателот на Русија во своето обраќање пред гостите.

Африканската унија повикува на мир

Претседателот на Африканската унија и претседател на Коморските Острови, Азали Асумани, повика на мир меѓу Русија и Украина во Санкт Петербург. Истакнувајќи дека Русија е стратегиски партнер на Африка со значаен придонес во намалувањето на несигурноста во храната со извоз на 1,9 милиони тони од нејзините житарки и дека со руско-украинската криза, доколку продолжи, иднината на тоа партнерство ќе биде загрозена, тој ги повика „заинтересираните страни да најдат заеднички јазик за да овозможат континуиран безбеден транспорт на жито и ѓубрива од Украина и Русија до нашиот континент“.

„Африка е подготвена да ја зајакне соработката со Русија во сите сектори, а особено да придонесе за обезбедувањето мир и стабилност“, рече Азали Асумани.

Порастот на цените за потрошувачите во Африка е најлошата долгорочна последица од последните потези на Русија, рече пред самитот Самуел Рамани, експерт за африканско-руските односи од Универзитетот во Оксфорд,: „По раскинувањето на договорот за извозот на украинските житарки, цените на житото на светскиот пазар пораснаа за осум отсто, а по последниот руски напад на пристаништата на Дунав за шест отсто“.

Сè повлијателната Африка

Ветувањето за извоз на храна во Африка е клучно за целта на Путин да го искористи самитот во Санкт Петербург за зајакнување на врските со континентот од 1,3 милијарди луѓе, кој е сѐ помоќен на глобалната сцена, пишува агенцијата АП.

54-те африкански нации го сочинуваат најголемиот гласачки блок во ОН и се поподелени од кој било друг регион во однос на резолуциите со кои се критикуваат акциите на Русија во Украина.

Еритреја гласаше против повеќе резолуции на Генералното собрание на ОН што ја критикуваат руската инвазија на Украина од која било друга африканска нација. Сомалија, иако сојузник на САД, често се смета за африканска земја најпогодена од ограничувањата во испораката на житото.

А Зимбабве долго време е огорчено поради американските санкции. Рускиот претседател Владимир Путин вчера му подари хеликоптер на претседателот на Зимбабве, Емерсон Мнангагва, кој е на самитот во Русија, јави Франс прес. 80-годишниот Мнангагва, кој се обидува да биде реизбран на изборите следниот месец, долго време им ги припишува економските проблеми на земјата на санкциите. Според аналитичарите, изборите ќе бидат многу тесни. „Жртвите на санкциите треба да соработуваат“, вели Мнангагва, стоејќи пред хеликоптер, во видеото објавено од неговото министерство за информации.

Но повеќето африкански земји ја гледаат Русија како само една од опциите, веднаш до ЕУ, САД и сè посилната Кина. Потоа, тука се заливските држави, Турција и Катар.

И тоа е една од причините зошто практично се преполови бројот на претседатели на држави и влади што дојдоа во Санкт Петербург од последната (и прва) средба во 2019 година – дојдоа 17. Сепак, бројот на делегациите од 49 земји е сè уште големи – ова е знак дека сѐ повеќе африкански земји не сакаат да бидат диктирани со кого ќе прават бизнис.

Фрустрација поради „двојните стандарди на Западот“

„Африканската јавност не гледа причина секогаш да стои на една одредена страна во меѓународните односи“, вели Хасан Каненџе, раководител на Меѓународниот институт за стратегиски студии „Хорн“ во Кенија.

Демократијата е во криза во многу африкански земји, а за тоа делумно е виновен и Западот. Западните воени интервенции во земји како Авганистан не донесоа ништо, па дури и ја влошија ситуацијата. Во Либија, од соборувањето на Моамер ел-Гадафи, „Пандорината кутија е отворена“, почеток на дестабилизацијата на најголем дел од Северна и Западна Африка, вели Каненџе.

Двојниот морал на Западот „создаде фрустрација и еден вид траума што трае веќе 30 години од крајот на Студената војна“. Но тоа не значи дека африканските земји не се залагаат за универзални човекови права и неповредливост на границите, вели тој.

Вака нештата ги гледаат многу интелектуалци и политичари, како и населението во многу земји на африканскиот континент.

Вагнер во Африка – и во Санкт Петербург

Русија се смета и за најважниот снабдувач на оружје за Африка. А уште едно прашање што најверојатно ќе биде на дневен ред на самитот е судбината на платеничката група Вагнер – по краткиот бунт против највисокото воено раководство на Русија минатиот месец.

Руската платеничка група Вагнер, предводена од Јевгениј Пригожин, е активна во Мали и Централноафриканската Република, а некои набљудувачи ја гледаат Буркина Фасо како веројатна следна цел на Вагнер. Иднината на Вагнер ќе биде важно прашање за земјите како Судан и другите што склучуваат договор со Вагнер во замена за природни ресурси како златото. Руските власти и Пригожин рекоа дека Вагнер ќе продолжи да работи во Африка.

На апликацијата за размена на пораки поврзана со Пригожин се објавени слики од него со африканските официјални лица во неговиот хотел во Санкт Петербург. Сепак, не беше јасно кога се одржале тие средби, пишува АП.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ