Во интерес на вистината, граѓаните треба да знаат точно што има преземено Министерството за здравство (МЗ) по однос на модуларните амбуланти и наследениот хаос кој Сали го остави, пишува во реакцијата на МЗ.
„Беким Сали крие од јавноста дека со негово одобрение, е направен прием на три амбуланти од страна на министерството, а тоа се модуларните амбуланти во ЗД Бутел, Лисиче и Ѓорче Петров. Лично тој како министер одобрил и ги примил модуларните амбуланти на 23 септември и 19 октомври 2022 и 22 февруари 2023, со што изведувачот правно требал да ги наплати. Во прилог на ова соопштение ги праќаме сите документи како и одобрението и извештајот од надзорот. Значи, не министерот Меџити, не Владата или кој било друг, туку Беким Сали одобрил дека амбулантите се примени и треба да се исплатат. Потоа, Сали цели 8 месеци решил да спротивно на она што го потпишал, да не плаќа и да остави свесно државата да сноси правни и тешки финансиски последици. Како тоа Сали решил да не плаќа за нешто го одобрил и примил и веќе е во употреба? Дали свесно сакал да изнуди нешто за себе или што точно сакал да постигне должи како одговор. Долгот кој во меѓувреме е акумулиран по основ на камати за доцнење е повеќе од 200.000 евра кои ќе треба да ги платат граѓаните!“, пишува во соопштението на МЗ.
Понатаму, министерот Меџити, тврдат од МЗ, по преземањето на функцијата, изврши ревизија на сите отворени постапки и долгови кои ги има министерството, меѓу кои долгот за одобрените и примените амбуланти од Сали. За овој случај, односно дали воопшто треба да се иницира плаќање, министерството направи писмена консултација со Државно правобранителство. Од таму е добиено писмено мислење дека амбулантите мора да се исплатат по приемот.
„По оваа информација, Министерството за здравство достави информација до Влада за наодите и одговорите од Правобранителство, како и предлог како да се надмине спорот, а притоа, да не се исплати побаруваната камата и да се раскине договорот за преостанатите 7 амбуланти за кои не беше започната градбата. Ова е вистината за постапката и Беким Сали треба да се срами што манипулира со јавноста и ги потпалува граѓаните. До овој момент, како што информиравме вчера, не е исплатено ништо за амбулантите додека Владата не донесе одлука за тоа. Беким Сали сега е должен да каже зошто направил прием на амбулантите? Зошто не плаќал цели осум месеци и буквално не контактирал со никој на оваа тема? Дали сакал да изнуди нешто за себе од целата зделка?“, велат од МЗ.
Оттаму велат дека Министерството за здравство останува транспарентно и отворено за сите информации поврзани со овој случај, но нема да дозволат манипулации и некој на оваа трагедија да печали ситни политички поени.