Обединетото Кралство беше воздржано, а САД го искористија правото на вето за да ја блокираат резолуцијата. Ја поддржаа сегашните непостојани членки на Советот – Албанија, Бразил, Еквадор, Габон, Гана, Јапонија, Малта, Мозамбик, Швајцарија и ОАЕ – и преостанатите постојани членки Франција, Русија и Кина.
Откако минатата недела заврши примирјето меѓу двете страни, Израел ја прошири својата копнена кампања на југ од Појасот Газа, со напад врз јужниот град Кан Јунис. Двете страни известуваат за пожестоки борби и на север.
Жителите на Кан Јунис денеска изјавија дека израелските сили им наредиле да напуштат уште друг округ, позападно од оној што го зазеле минатата недела, што укажува на тоа дека доаѓа нов напад. Повеќето од 2,3 милиони жители на Газа веќе ги напуштиле своите домови, многу од нив неколку пати.
Борбите сега продолжуваат по целата територија, па жителите и агенциите на Обединетите нации предупредуваат дека сега веќе нема безбедни точки во Појасот. Израел го тврди спротивното. Тој им го блокираше бегството на Палестинците по главниот пат што ги спојува север-југ и наместо тоа ги турна кон брегот.
Во Кан Јунис загинатите и повредените во текот на ноќта ја поплавија болницата Насер. Таа и болницата Ал Акса во Деир ал Бали пријавија 133 убиени и 259 повредени во последните 24 часа, со што официјалниот број на загинати достигна најмалку 17.500, пренесува Ројтерс.