сабота, 26 октомври 2024
Изјава на премиерот на прес-конференцијата со специјалниот претставник на САД

САД се наш најголем поддржувач, но ние не коленичиме, рече Ковачевски за разговорите со Ескобар

Објавено на

часот

Сподели

Не е точно дека Владата коленичи пред странски дипломати за да се издејствува гласање за уставните измени, нагласи премиерот Ковачевски потенцирајќи дека САД биле, се, и ќе бидат со Македонија во текот на сите клучни процеси.

На заедничката прес-конференција со Ескобар, кој е во дводневна посета на Скопје, Ковачевски информираше дека на денешниот состанок разговарале за развојот на настаните и процесот во однос на еврооинеграциски пат на Македонија, како и за отпочнување на уставните измени. Нов договор, како што рече, нема да има, ниту ќе има можност за репреговарање на преговарачката рамка.

„Нов договор нема да има, ниту ќе има можност за репреговарање на преговарачката рамка, како што некои политичари истакнуваат. Она што ние треба да направиме како политичко лидерство е да обезбедиме непречен процес на зачленување на Северна Македонија во полноправно членство во ЕУ. По членството во НАТО, Северна Македонија треба да стане членка на Европската Унија, бидејќи Европската Унија е нашата единствена алтернатива и директен интерес на граѓаните и барање на граѓаните, рече Ковачевски.

Прашан уште колку дипломати ќе треба да дојдат во Македонија за да се гласа за уставните измени со оглед дека дебата се води веќе 6-7 месеци, Ковачевски рече дека фактот дека се води дебата подолго време, значи дека се работи за исклучително клучно прашање.

Тој останува на ставот дека секоја стратешка одлука е одлука која што ја определува иднината за повеќе генерации.

„Доколку се работи за одлука која што не дефинира иднина, тогаш веројатно и дебатата не би се водела ниту толку долго, ниту толку детално, ниту на толку нивоа. Ова само потврдува дека се работи за исклучително важно прашање и ќе се води толку колку што е потребно, за да се донесе правилна и вистинска одлука за остварување на целите и визијата на граѓаните на оваа држава“, рече Ковачевски.

Според Ковачевски, граѓаните заслужуваат да живеат во општество кое ги има истите европски стандарди со државите членки на ЕУ.

Прашан дали е оптимист дека може да се изнајде договор Македонија да добие преговарачка рамка со која што ќе ги отпочне преговорите, Ковачевски рече дека е рационален оптимист.

„Тоа значи дека верувам во остварување на целта и работам таа цел да се оствари. Пораката која што повторно ќе ја упатам до пратениците во Собранието, е дека тие се претставници  на граѓаните. Граѓаните многу јасно кажуваат дека сакаат да бидат дел од ЕУ. Пратениците треба да бидат дел од европската идеја за Северна Македонија. Тие ја зеле одговорноста и честа да ги застапуваат граѓаните во Собранието и утре ќе бидат запишани во историјата како личности кои обезбедиле европска иднина на државата. Јас сум горд на сите пратеници во нашето Собрание, кои биле дел од носењето на важните стратешки и тешки одлуки за државата“, рече Ковачевски.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ