сабота, 22 февруари 2025

САД подготвија резолуција за Украина

Соединетите Американски Држави претставија предлог за резолуција на Обединетите нации по повод третата годишнина од руската инвазија на Украина, со што се спротивставија на напорите на Киев и европските сојузници, кои сакаат нивниот текст да биде усвоен на Генералното собрание.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Американскиот претседател Доналд Трамп во последниве недели започна со напори за ставање крај на војната во Украина, што ги влоши односите со украинскиот претседател Володимир Зеленски и доведе до загриженост кај европските сојузници дека Киев и Европа би можеле да бидат исклучени од мировните преговори.

Краткиот нацрт од три параграфи на американската резолуција, што го виде Ројтерс, изразува жалење за загубата на животи во „руско-украинскиот конфликт“ и повторува „дека примарна цел на Обединетите нации е одржување на меѓународниот мир и безбедност и решавање на споровите со мирни средства“.

Нацртот, исто така, „апелира за брз крај на конфликтот и дополнително повикува на долготраен мир меѓу Украина и Русија“. Русија предложи измена на таа реченица, која ја виде Ројтерс, да гласи „апелира за брз крај на конфликтот, вклучително и решавање на основните причини и дополнително повикува на траен мир меѓу Украина и Русија“.

Рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небензија, го опиша американскиот нацрт како „добар потег“. Руски дипломат, кој се согласи да зборува под услов да остане анонимен, рече дека Москва ќе гласа за американската резолуција доколку рускиот амандман биде усвоен на Генералното собрание.

Небензија рече дека САД го информирале пред нацртот да биде испратен до Генералното собрание на 193 земји-членки. Генералното собрание ќе се состане во понеделник за да гласа за текстот на Украина и Европската унија, кој повикува на деескалација, предвремен прекин на конфликтот и негово мирно решавање во согласност со Повелбата на ОН и меѓународното право.

Европските амбасадори во ОН се состанаа доцна синоќа за да разговараат за американскиот потег, соопштија дипломатите. Украина и ЕУ во текот на изминатиот месец преговараа со земјите-членки на ОН. Резолуциите на Генералното собрание не се обврзувачки, но имаат политичка тежина и го одразуваат глобалниот однос кон војната. Ниту една земја нема право на вето во собранието.

Украинскиот и европскиот текст, што го виде Ројтерс, „ја повторува итната потреба да се стави крај на војната оваа година и да се удвојат дипломатските напори за да се намали ризикот од понатамошна ескалација и да се постигне сеопфатен, праведен и траен мир во Украина“.

Текстот на резолуцијата се чини дека е малку поблаг во споредба со претходните активности на Генералното собрание. Тој не ја критикува Русија толку директно, туку само зборува за „агресија“. Резолуцијата усвоена набргу по почетокот на војната, со 141 глас „за“, изразува жалење „во најсилна смисла за агресијата на Руската Федерација“.

Украинскиот и европскиот текст зборува за потребата од спроведување на претходните резолуции на ОН, кои бараа Русија да ги повлече своите сили од меѓународно признатата територија на Украина и Москва да престане со нападите. Генералното собрание усвои шест резолуции за војната во првата година од конфликтот, критикувајќи ја Москва и барајќи од Русија да ги повлече сите свои војници.

Резолуцијата од октомври 2022 година, која го осудува рускиот „обид за нелегална анексија“ на четири украински провинции, беше поддржана од 143 земји-членки.

Три дипломатски извори потврдија за Ројтерс дека САД одбиваат да бидат ко-спонзори на украинската нацрт-резолуција, која го поддржува територијалниот интегритет на Киев и ја осудува руската агресија. Соединетите Американски Држави ги ко-спонзорираа речиси сите резолуции на ОН за поддршка на Украина против Русија во најголемиот конфликт на европско тло од Втората светска војна.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ