Соопштението следи еден ден откако Пјонгјанг тестираше ракета со долг дострел, како што рече, одговор на воената активност на Вашингтон и сојузниците.
Јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јол изјави дека Северна Кореја ќе разбере дека „провокациите“ ќе предизвикаат дополнително страдање на земјата.
Јун го објави ова еден ден откако Пјонгјанг ја лансираше својата најнова интерконтинентална балистичка ракета (ИЦБМ).
Тој рече дека неговата влада ќе направи сѐ за народот на Јужна Кореја да живее без загриженост поради нуклеарното оружје на Северна Кореја.
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун најави „поофанзивни акции“ како одговор на „зголемените воени закани предводени од Вашингтон“ по третото тестирање на балистичка ракета од страна на Пјонгјанг, која, според АП, е дизајнирана да го погоди копното на САД.
Откако го надгледуваше лансирањето на интерконтиненталната балистичка ракета Хвасонг-18 во понеделникот, Ким рече дека тестот покажал како Северна Кореја може да одговори доколку САД донесат „погрешна одлука против неа“, објави во вторникот севернокорејската новинска агенција КЦНА.
Ким ја нагласи потребата „никогаш да не се занемаруваат сите непромислени и неодговорни воени закани на непријателот и силно да се спротивставиме со поофанзивни акции“.
Во извештајот на агенцијата се вели дека ракетата Хвасонг-18, лансирана под висок агол за да се избегнат соседните земји, прелетала растојание од 1.002 километри за 73,5 минути на максимална височина од 6.518 километри пред да слета во областа на источниот брег на земјата.
Ким изрази „големо задоволство“ од лансирањето, кое беше трето тестирање на Пјонгјанг на ракетата Хвасонг-18, по тестовите извршени во април и јули.
Оваа изјава на Ким сугерира дека тој е уверен во својот растечки ракетен арсенал и веројатно ќе продолжи со активностите за тестирање на оружје пред претседателските избори во САД во 2024 година.
Аналитичарите веруваат дека Северна Кореја сè уште треба да изврши позначајни тестови, за да докаже дека има функционални ракети кои можат да стигнат до копното на САД, оценува АП.