вторник, 14 јануари 2025

САД: До крајот на оваа недела можен е прекин на огнот во Газа

Договорот за прекин на огнот во Газа може да биде постигнат оваа недела, изјави денеска советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Блиску сме до договор и би можеле да го постигнеме оваа недела“, рече Саливан. „Не давам никакви ветувања или предвидувања, но е на дофат“, рече Саливан за договорот што ќе вклучува ослободување на заложниците од Појасот Газа.

Преговорите се во напредна фаза за ослободување до 33 заложници, изјави денеска израелски функционер кој побара да остане анонимен.

„Не сме сигурни дали се работи за часови, денови или повеќе“, рече официјалниот претставник.

Нацртот за прекин на огнот и ослободување на заложниците беше претставен од Катар на двете страни на разговорите во Доха, на кои беа вклучени шефовите на израелските разузнавачки агенции Мосад и Шин Бет и катарскиот премиер.

Стив Виткоф, кој ќе стане американски претставник кога Трамп ќе се врати на функцијата претседател на САД следната недела, присуствуваше на разговорите. Американски извор изјави дека таму бил и претставникот на Бајденовата администрација во заминување, Брет Мекгурк.

„Следните 24 часа ќе бидат клучни за постигнување договор“, рече функционерот, истакнувајќи дека преговорите се воделе до раните утрински часови во понеделник.

Владејачкиот емир на Катар, шеикот Тамим бин Хамад ал Тани, ја прими делегацијата на Хамас предводена од високиот функционер Калил ал Хаја за да разговараат за преговорите за прекин на огнот, соопшти кабинетот на емирот.

„Преговорите за некои клучни прашања напредуваа и работиме за наскоро да го заклучиме она што останува“, изјави анонимен претставник на Хамас за Ројтерс во понеделникот.

Израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Сар рече дека преговорите биле координирани меѓу тимовите на Бајден и Трамп.

„Се чини дека преговорите напредуваат многу подобро од претходно. Сакам да им се заблагодарам на нашите американски пријатели за огромните напори што ги прават за да обезбедат договор за заложниците“, рече Саар пред новинарите.

Соединетите Американски Држави, Катар и Египет работеа повеќе од една година за да преговараат за крај на војната во Газа, досега без успех.

Во Каиро, египетски безбедносен функционер изјави за Ројтерс дека нацртот испратен до двете завојувани страни не содржи конечен договор, туку „има за цел да ги реши отворените прашања што ги попречуваа претходните преговори“.

Инаугурацијата на Трамп на 20 јануари се смета за де факто краен рок за договор. Трамп му порача на Хамас дека ќе „плати пеколно“ ако не ги ослободи заложниците пред тој да ја преземе функцијата, а претседателот во заминување Џо Бајден, исто така, врши голем притисок за постигнување договор пред да ја напушти функцијата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ