НАТО ги засили своите сили долж својата источна граница со Русија, Белорусија и Украина, распоредувајќи илјадници војници и опрема за да ја одврати Москва од ширење на војната на територијата на која било од 32-те земји-членки на алијансата.
„Ако Украина загуби, тогаш обновување на силите за одвраќање на остатокот од НАТО би било многу, многу поскапо од она што го проценуваме во моментот во однос на зголемувањето на нашите трошоци и индустриското производство“, изјави Руте на маргините на Светскиот економски форум во Давос.
Тој додаде дека тогаш нема да се работи за дополнителни милијарди, туку за илјадници милијарди.
Руте инсистираше на тоа дека западните сојузници на Украина мора „да ја зголемат, а не да ја намалат поддршката“ за земјата.
„Мораме да ја промениме траекторијата на војната“, рече Руте, додавајќи дека Западот „не може да дозволи во 21 век една земја да нападне друга земја и да се обиде да ја колонизира“.
Во Европа расте вознемиреноста дека американскиот претседател Доналд Трамп би можел да се обиде брзо да ја заврши војната преговарајќи со рускиот претседател Владимир Путин под услови неповолни за Украина, но Руте е претпазлив да не брза со работите.
„Ако сакаме да постигнеме лош договор, тоа само би значело дека ќе го видиме претседателот на Русија „како слави“ со лидерите на Северна Кореја, Иран и Кина, и не можеме да го прифатиме тоа. Тоа би било геополитички голема, голема грешка“, додаде тој.