Вселенската агенција Роскосмос извести дека вселенската сонда Луна-25 влегла во орбитата на Месечината во 11:57 по московско време или 8:57 по средноевропско. Руската вселенска сонда, голема отприлика колку помал автомобил, тежи 1.800 килограми и беше лансирана во петокот од космодромот Восточни. Треба да врши истражувања на јужниот пол на Месечината околу една година.
Во тоа подрачје научниците на НАСА и други вселенски агенции во последните години открија траги од смрзната вода во кратерите. Постоењето вода на Месечина е важно за големите вселенски сили бидејќи тоа би овоможило престој на луѓе таму, а тоа пак би овозможило ископување на вредни лунарни ресурси.
Москва последен пат ја испрати сондата Луна-24 на Месечина пред речиси половина век, на почетокот на 1976 кога Русија беше дел од Советскиот Сојуз.
„Влегувањето во орбитата на Месечината е апсолутно клучно за успехот на овој проект. Некои ова го нарекуваат втора лунарна трка па многу е важно Русија да продолжи со оваа програма. Луна-25 не е само една мисија, туку дел од многу пошироката руска стратегија која се протега десет години во иднината“, кажа за Ројтерс Анатолиј Зак, основачот на сајтот Рашан спејс веб, кој ги следи руските вселенски програми, истакнувајќи дека ова се случува првпат во постсоветскиот период.
Луна-25 е дел од руската лунарна програма со која е предвидена изградба на вселенска станица на Месечината до 2040 година.