сабота, 19 октомври 2024

Руски уметник се закани дека ќе уништи вредни уметнички дела ако Асанж умре во затвор

Рускиот уметник Андреј Молодкин изјави дека со киселина ќе уништи ремек-дела на уметници како Пабло Пикасо, Рембрант и Енди Ворхол ако основачот на Викиликс Џулијан Асанж умре во затвор.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Молодкин вели дека собрал 16 уметнички дела, за кои проценува дека вредат повеќе од 45 милиони долари, и дека тие се наоѓаат во сеф со „екстремно корозивна супстанца“. Во сефот има кутии во кои се наоѓаат уметничките дела и пневматска пумпа која поврзува две буриња, едното со кисел прав, а другото со акцелератор, кој би можел да предизвика хемиска реакција доволно силна да ја претвори содржината на сефот парчиња, тврди Молодкин.

Тој наведе дека 24-часовниот тајмер на сефот мора да се ресетира секој ден, што ќе биде направено само по потврдата дека Асанж е жив.

Рускиот уметник вели дека „не би чувствувал ништо“ ако делата бидат уништени, бидејќи, како што наведува, „слободата е многу поважна“. Проектот го поддржува сопругата на Асанж, Стела Морис, чиј сопруг чека одлука по жалбата против екстрадиција во САД, каде се соочува со обвиненија за шпионажа.

САД го бараат Асанж поради наводен заговор за добивање и објавување информации за националната одбрана, по објавувањето стотици илјади документи во врска со војните во Авганистан и Ирак, и снимки од убивање цивили од страна на американски војници.

Асанж речиси 5 години се наоѓа во лондонскиот затвор Белмарш, а неговата последна жалба ќе биде разгледана од Вишиот суд во Лондон на 20 и 21 февруари.

Поддржувачите на Асанж тврдат дека му се закануваат 175 години затвор ако биде екстрадиран, а неговиот адвокат порача дека животот на Австралиецот е во опасност ако жалбата против екстрадицијата биде одбиена.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ