Главниот секретар на јапонската влада, Јошимаса Хајаши, изјави дека прелетувањето на руските борбени авиони се случило во четвртокот.
„Тешко е да се каже која била целта на овој лет… Но руската армија е континуирано активна во областите околу Јапонија“, рече Хајаши.
Јапонија веќе го покрена ова прашање со Русија преку дипломатски канали. Во септември, според Токио, руски патролен авион го нарушил јапонскиот воздушен простор, што Русија го негираше.
Руското Министерство за одбрана во четвртокот на мрежата Телеграм објави дека два бомбардери со долг дострел прелетале над меѓународните води на Јапонското и Охотското Море. Министерството објави и видео од два стратешки бомбардери Туполев Ту-95 придружувани од руски ловци.
Според министерството летот бил редовен и траел повеќе од осум часа. Во соопштението Министерството понатаму наведува дека сите летови на руското воено воздухопловство се во согласност со меѓународните правила за користење на воздушниот простор.