сабота, 27 јули 2024

Русите во Летонија полагаат тестови по летонски јазик за да не бидат протерани

Објавено на

часот

Сподели

Држејќи црвени руски пасоши, учесниците, главно жени, ги читаат своите белешки пред тестот, плашејќи се дека може да бидат протерани од балтичката земја доколку не положат, пренесува Ројтерс.

Зборувањето руски наместо летонски досега не беше проблем, но војната во Украина ја промени сликата. Во минатогодишната изборна кампања доминираа прашањата за националниот идентитет и безбедносните грижи.

Владата сега бара од 20.000 луѓе што поседуваат руски пасоши, главно постари жени, да полагаат јазичен тест, бидејќи лојалноста на руските граѓани е загрижувачка, рече Дмитри Трофимовс, државен секретар во Министерството за внатрешни работи на Летонија.

„Ако ме депортираат, нема да имам каде да одам, живеам овде 40 години“, вели Валентина Севастјанова (70), поранешна професорка по англиски јазик и туристички водич од Рига, по нејзиниот последен час по летонски јазик во приватно училиште во центарот на градот.

„Зедов руски пасош во 2011 година за лесно да ги посетувам моите болни родители во Белорусија. Сега нив ги нема“.

Севастјанова била во клас од 11 жени, на возраст од 62 до 74 години, кои посетувале тримесечен брз курс. Секоја од нив аплицирала за руски пасош откако независна Летонија „повторно изникна од пепелта“ на Советскиот Сојуз во 1991 година.

Со тоа стекнале право на пензија од Русија и безвизно патување во Русија и Белорусија.

Но откако Русија ја нападна Украина минатиот февруари, Летонија ги затвори руските ТВ-канали, го урна советскиот споменик од Втората светска војна и сега работи на прекин на образованието на руски јазик.

Како резултат на тоа, многу етнички Руси во Летонија, кои сочинуваат околу четвртина од нејзиното население (1,9 милиони), чувствуваат дека можеби го губат своето место во општеството, каде што со децении беше прифатливо да се зборува исклучиво руски, вели Ројтерс.

Руските граѓани помлади од 75 години што нема да го положат тестот до крајот на годинава ќе добијат разумен рок да заминат, рече Трофимовс. Доколку не си заминат, би можеле да се соочат со „присилно протерување“.

„Тие доброволно одлучиле да земат државјанство, не на Летонија, туку на некоја друга земја“, вели тој и додава дека тестот е неопходен бидејќи руските власти својата инвазија на Украина ја оправдуваат со потребата да ги заштитат руските граѓани во странство.

„Мислам дека учењето летонски е во ред, но овој притисок е погрешен“, вели Севастјанова.

„Луѓето живеат во руска средина. Разговараат со Руси. Зошто да не? Има голема дијаспора“, вели таа. „Има работни места каде што се зборува руски. Има руски весници, телевизија, радио. Можете да зборувате на руски во продавниците и пазарите – Летонците лесно се префрлаат на руски“.

За да положат, тие мора да ги разберат основните летонски фрази и да зборуваат со едноставни реченици, како на пример „Би сакала да вечерам и би сакала да изберам риба наместо месо“, вели Лиена Вороненко, раководителка на летонскиот Национален центар за образование, кој ги спроведува испитите.

„Сакам да учам јазици и очекував во пензија да учам француски. Но сега наместо тоа учам летонски. Па добро, зошто да не?“, вели Севастјанова.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ