петок, 18 октомври 2024

Русите гласаат на претседателски избори – без опозиција и со познат победник

Рускиот онлајн-систем за гласање накратко падна денеска, на првиот ден од претседателската трка од 15 до 17 март, при што независните набљудувачи на изборите рекоа дека веројатната причина се „огромен број“ работници што биле принудени да гласаат.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Системот привремено се префрли во друг режим, „поради невидениот број луѓе што сакаат да гласаат онлајн“, се вели во пораката на платформата за е-гласање.

Станислав Андрејчук, член на независната изборна организација Голос, рече дека „огромен број“ работници биле под притисок да го дадат својот глас во првите часови од изборите.

„Далечинските електронски гласачки портали не можат да го поднесат товарот. Операторите на системот споменуваат голем ‘интерес’, но ние добро ја разбираме неговата природа – почнувајќи од утрото, луѓето гласаат на своите работни места под будното око на нивните претпоставени“, рече тој.

Руското Министерство за дигитален развој, комуникации и масовни медиуми соопшти дека системот за далечинско онлајн-гласање бил обновен подоцна утрово, додавајќи дека 1,6 милиони Руси веќе гласале онлајн до тој момент.

Севкупно, 4,76 милиони од 112,3 милиони руски гласачи во десетици региони, вклучително и Москва, се очекува да го дадат својот глас преку интернет во текот на тридневниот период на гласање.

Русија го усвои својот контроверзен систем за електронско гласање за сите национални избори откако Путин им нареди на војниците да ја нападнат Украина во февруари 2022 година.

Критичарите велат дека онлајн-гласањето во Русија им олеснува на властите да ги фалсификуваат резултатите, вели Москва тајмс.

Раководителката на изборите во Русија, Ела Памфилова, во петокот рече дека 2,6 милиони луѓе гласале предвреме, вклучително и оние во делумно окупираните украински региони каде што борбите продолжуваат.

Избори без вистинска опозиција

Избирачките места беа отворени утринава во 8 часот по локално време на полуостровот Камчатка и во Чукотка, два оддалечени региони лоцирани на крајниот исток на Русија. Ќе се затворат в недела во 20 часот во Калининград, руската енклава во рамките на ЕУ.

Гласачките места беа отворени во 6 часот по средноевропско време низ целата земја во 11 временски зони.

Гласањето ќе трае три дена и ќе се одвива и на териториите окупирани од Русија во Украина и во Придњестровје, проруската сепаратистичка територија во Молдавија.

Непосредно пред почетокот на гласањето, Владимир Путин, кој е на власт 24 години, ги повика сонародниците „да не скршнуваат од патот“ и да гласаат „на патриотски начин во тешки времиња“.

Путин се соочува со тројца противкандидати „без тежина“, кои не се противат ниту на инвазијата на Украина, ниту на репресијата што ја искорени целата опозиција и кулминираше со смртта на главниот противник на Кремљ, Алексеј Навални, во затвор во средината на февруари.

На единствениот опозиционер што се обиде да се кандидира за функцијата, Борис Надеждин, му беше одбиена кандидатурата.

Вдовицата на Алексеј Навални, Јулија Навална, која вети дека ќе ја продолжи неговата борба, ги повика Русите да гласаат за кој било кандидат освен за Путин.

Таа ги повика Русите што ја поддржуваат опозицијата да излезат на гласање во исто време, во 12 часот в недела, за да покажат дека ги има многу.

Поради тој повик, обвинителството во Москва предупреди дека секој облик на протест ќе биде „казнет според сегашното законодавство“.

Репресијата на гласовите што го критикуваат Кремљ значително зајакна од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, кога властите ги испратија повеќето опозициски фигури и илјадници други Руси зад решетки. Многумина решија да заминат во егзил.

Победата на Путин на изборите треба да му овозможи да остане на власт до 2030. Благодарение на ревизијата на Уставот во 2020 година, тој ќе може повторно да се кандидира и да остане на власт до 2036 година, кога ќе има 84 години.

Гласањето веќе беше критикувано од САД, кои ги осудија „лажните избори организирани на окупираните украински територии“.

Украинската дипломатија повика да се отфрлат резултатите од гласањето, кое го опишува како „фарса“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ