Москва во ноември соопшти дека го фатила Џејмс Андерсон, поранешен британски војник. Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами кажа тогаш дека е запознаен со случајот и дека Лондон ќе направи сè за да му пружи помош.
Истражниот комитет на Русија објави и видео на кое Андерсон, во лисици и затворска униформа е одведен во просторија за испрашување, каде го потврдил своето име.
Во соопштението се наведува дека тој ќе се соочи со обвиненија за тероризам и платеништво поради учеството „во оружениот судир како платеник на територијата на Руската Федерација за паричен надомест“. Не наведоа како Андерсон се изјаснил за обвинувањата, од кои некои носат казна до 20 години затвор.
Украинските сили во август минатата година ненадејно упаднаа во руската област Курск. Русија од тогаш ослободи околу две третини од територијата и се бори за остатокот.
Истражниот комитет, кој е одговорен за истраги на големи криминални случаи, соопшти дека Андерсон нелегално ја преминал руската граница од Украина во ноември.
„Вооружен со автоматско малокалибарско оружје и експлозивни направи“ го заплашувал локалното население, предизвикал значителна материјална штета, ги дестабилизирал локалните власти и вршен неспецифицирани кривични дејства против цивилното население, соопшти истражниот комитет.
Истражителите тврдат дека собрале „неспорни докази“ за неговата вина и дека неговиот случај ќе се разгледува пред воен суд.