петок, 7 февруари 2025

Русија врати осум киднапирани деца во Украина

Осум украински деца кои биле насилно одземени од своите семејства се вратени дома, изјави висок украински функционер. Децата биле одземени од нивните семејства од страна на официјални лица на полуостровот Крим, кој е под руска контрола, а потоа биле сместени во државни домови за згрижување на деца без родители.

Илустрација: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Дарина Заривна, советничка на началникот на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, рече дека децата биле земени додека биле на лекување во болница. Таа вели дека биле подложени на малтретирање во домовите и биле принудени да учествуваат во проруски вежби, како и дека биле принудени да ракуваат со оружје и да се подготвуваат за војна. Децата биле спасени како дел од програмата „Вратете ги децата“. Заривна не откри детали за тоа како се спасени децата и каде се сега.

„Нивната приказна е пример за систематската суровост на окупаторите. Тие беа насилно одземени од своите мајки додека беа во болница. Сето ова е дел од политиката на Русија насочена кон уништување на украинскиот идентитет“, напиша Заривна на Телеграм.

Меѓународниот кривичен суд во 2023 година издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин под обвинение за воени злосторства поврзани со киднапирање на украински деца. Но, Кремљ ги отфрла обвинувањата.

На почетокот на оваа недела, шефот на кабинетот на Зеленски, Андриј Јермаков, изјави дека 12 деца кои биле насилно однесени во Русија, се вратени во Украина.

Москва и Киев извршија неколку размени на деца од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година. Украина вели дека повеќе од 19.500 деца биле однесени во Русија или на територијата окупирана од Русија без согласност на нивните семејства или старатели за време на војната, нарекувајќи ги киднапирањата воено злосторство што ја исполнува дефиницијата за геноцид според договорот на ОН.

Децата на возраст од 6 до 16 години се вратени од регионите Керсон, Запорожје, Луганск и Доњецк, како и од Крим.

Акцијата е дел од иницијативата „Да ги вратиме децата на Украина“. Седум деца се вратени со посредство на Катар, додека едно дете е вратено преку хуманитарен коридор. Катар делува како посредник меѓу Украина и Русија во обид да ги врати украинските деца илегално задржани во Русија.

Некои од децата претрпеле тешки неволји, вклучително и девојче со невролошко заболување на Крим, кое немало пристап до медицинска нега. Тие сега добиваат медицинска и психолошка помош и повторно се обединуваат со своите семејства во Украина.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ