среда, 26 февруари 2025

Русија: Пресудата на Додик ќе има штетни последици за целиот Балкан

Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека денешната пресуда на Судот на Босна и Херцеговина против претседателот на босанскиот ентитет Република Српска, Милорад Додик, „ќе има штетни последици за ситуацијата во БиХ и во целиот регион“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека „обвинувањата против легално избраниот претседател на Република Српска, Милорад Додик, а всушност и против целиот српски народ, се засноваат на одредбите на псевдозаконот што на БиХ самоволно ѝ го наметна самопрогласениот висок претставник Кристијан Шмит, очигледно надвор од законските рамки“.

„Русија, како постојана членка на Советот за безбедност на ОН и земја-гарант на Дејтонскиот мировен договор, смета дека е неопходно да ги предупреди странските учесници во процесот на постконфликтно решавање во БиХ, државите од регионот, но и целата светска јавност, за неизбежните штетни последици од осудителната пресуда врз ситуацијата во земјата и на целиот Балкан“, пишува во соопштението што до медиумите го достави руската амбасада во БиХ.

Од Министерството додаваат дека судскиот процес, кој траеше година и пол, од самиот почеток не бил ништо друго освен пародија на правосудството и отворено исмејување на темелите на правната држава.

„Прогласувањето на Милорад Додик за виновен е од чисто политичка природа, инспирирано од Западот, кој преку своите марионети во правосудните органи на БиХ се надева дека ќе ги елиминира од политичката сцена патриотските сили на Република Српска што му се спротивставуваат на евроатлантскиот неоколонијализам“, се вели во соопштението.

Руското Министерство за надворешни работи нагласува дека правосудниот систем на БиХ треба да заземе независен и објективен став заснован на принципите на суверена правна држава што не е подложна на надворешно влијание, потпирајќи се на Уставот на БиХ во согласност со Дејтонскиот мировен договор.

„Неопходно е да се донесе одлука и да се прекине потпирањето на неодговорните надворешни ментори и на високиот претставник, чиј егоизам ја уништува атмосферата на меѓусебно разбирање и соработка меѓу народите на БиХ, ги продлабочува поделбите и на земјата ѝ ја ускратува иднината“, соопшти руското Министерство за надворешни работи.

Во соопштението се нагласува дека е неприфатливо да се поттикнува раст на тензиите во БиХ, бидејќи тоа би било напад врз стабилноста на целиот балкански регион.

„За ваквиот развој на настаните одговорни ќе бидат оние што конструираа неуставен и антидејтонски процес против Република Српска и, спротивно на сета правна логика и здрав разум, го поддржуваа до ден-денес, со што процесот на меѓуетничко помирување ќе биде доведен во ќорсокак. Москва очекува дека сите овие околности ќе бидат земени предвид“, се заклучува во соопштението.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ