петок, 20 декември 2024

Русија ќе остане закана за Европа и по завршувањето на војната во Украина, вели фински министер

Русија и нејзините сојузници ќе останат закана за Европа и по завршувањето на војната во Украина, изјави финскиот министер за одбрана Анти Хаканен.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Финска дели повеќе од 1.300 километри граница со соседна Русија, која моментално е затворена за сите патници бидејќи Хелсинки ја обвинува Москва за поттикнување на илегална миграција во Европа.

Презентирајќи го прегледот на војската на оваа нордиска земја, Хаканен рече дека ја смета соработката на Русија со Северна Кореја, Иран и Кина за долгорочен ризик. „Русија, заедно со своите сојузници, ќе остане опасен актер во Европа дури и по војната во Украина и не можеме да ја исклучиме можноста да им се закануваат на европските земји со употреба на воена сила“, рече Хаканен.

Финска го објави својот прв преглед на одбранбената политика по приклучувањето кон воената алијанса НАТО минатата година, во историската политичка промена поттикната од руската инвазија на Украина.

Во прегледот се препорачува Финска да се фокусира на зајакнувањето на својата национална одбрана, одвраќањето на НАТО и соработката со поединечни сојузници, особено во регионалниот надзор и обука. „Главни сојузници во нашата меѓународна соработка се Шведска, Норвешка, САД, Велика Британија и Естонија“, рече Хаканен, додавајќи дека Финска соработува со Јужна Кореја, Израел и Јапонија во обезбедувањето одбранбени материјали.

Финска ќе продолжи да троши најмалку два отсто од бруто домашниот производ за одбрана, во согласност со минималната цел на НАТО, се наведува во прегледот.

Балтичките земји и Полска се очекува да потрошат меѓу 3,2 и 4,7 отсто, додека Шведска и Норвешка треба да достигнат 2,6 отсто до 2030 година, се наведува во извештајот. Хаканен изјави за Ројтерс претходно оваа недела дека Финска ќе размисли за враќање на противпешадиските мини како помош во заштитата на границата, што би значело повлекување од договорот што го ратификуваа или му пристапија повеќе од 160 земји, но не и Русија и САД.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ