понеделник, 30 декември 2024

Русија го зголемува производството на дронови

Претседателот Владимир Путин вчера изјави дека Русија го зголемува производството на беспилотни летала за околу десет пати, на речиси 1,4 милиони оваа година, со цел да обезбеди победа на руската војска во Украина.

Илустрација: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Откако Русија испрати десетици илјади војници во Украина во февруари 2022 година, војната во голема мера се сведе на исцрпувачки напади со артилерија и беспилотни летала долж силно утврдениот фронт од илјада километри, пишува Ројтерс.

Конфликтот стана тест за развојот на беспилотни летала и показател на нивната важност во модерното војување, од тероризирање на пешадијата и собирање разузнавачки информации до саботажа на инфраструктурата и напад на арсенали, наведува британската агенција.

„Вкупно околу 140.000 беспилотни летала од различни типови се доставени до вооружените сили во 2023 година“, рече Путин. „Оваа година се планира значително да се зголеми производството на дронови. Па, да бидам попрецизен, речиси 10 пати“.

„Ќе победи оној кој побрзо ќе реагира на овие барања на бојното поле“, рече Путин на состанокот во Санкт Петербург за производство на дронови.

И Русија и Украина купуваат беспилотни летала во странство и го зголемуваат производството, додека видеата од дроновите го илустрираат ужасот на бојното поле, прикажувајќи смртоносни напади врз пешадија, артилерија и тенкови.

Евтините ФПВ дронови, првично направени за цивилни трки, се контролирани од пилоти на земја и често удираат во цели, наполнети со експлозиви.

Ројтерс пишува дека војниците од двете страни можат да му нанесат огромна штета на противникот за само неколку стотици долари.

Путин рече дека Русија речиси секојдневно напредува во технологијата на беспилотни летала и дека е неопходно да се развие одбрана од беспилотни летала, која вклучува технологија која открива, збунува и соборува напаѓачки дронови.

„Клучната задача е да се произведе широк опсег на беспилотни летала, да се воспостави сериско производство што е можно побрзо“, рече тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ