Рускиот закон дозволува лицата и организациите што примаат пари или помош од странство да бидат означени како странски агенти, што е израз чија пејоративна конотација би можела да го поткопа кредибилитетот на именуваното лице.
Овој закон интензивно се користи против опозициските личности и независните медиуми, а Касјанов стана еден од противниците на Путин, пишува Асошиејтед прес. Сега секој материјал што ќе го објави Касјанов ќе мора да содржи напомена дека потекнува од странски агент.
На веб-страницата на Министерството стои дека Касјанов „учествувал во создавање и ширење пораки и материјали на странски агенти меѓу неограничен круг луѓе, како и лажни информации за одлуките на јавните тела на Руската Федерација и за политиката што ја воделе“. Му се забележува тоа дека се противел на „специјалната воена операција во Украина“.
Касјанов стана премиер во 2000 година, откако Путин беше избран за претседател, и ја вршеше таа функција до 2004 година, кога е сменет. Првенствено беше одговорен за економските реформи, вклучително и за руското усвојување на паушалниот данок на доход.
Тој стана истакната опозициона личност откако ја напушти должноста и се обиде да се кандидира за претседател во 2008 година, но националната изборна комисија ја отфрли неговата кандидатура.
Касјанов подоцна исчезна од видикот бидејќи руската опозиција ослабна поради апсењата и репресиите. Откако Путин ја почна инвазијата врз Украина во февруари 2022 година, Касјанов ја напушти земјата и наводно се наоѓа во Латвија.