петок, 31 јануари 2025

Романот „Аквамарин“ од Андреас Ешбах објавен на македонски јазик

Романот „Аквамарин“ од германскиот писател Андреас Ешбах, е објавен на македонски јазик. Книгата од германски ја преведе Катерина Јосифоска, а неговото објавување е поддржано од Министерството за култура и од Европската унија, во рамките на проектот „За нивната иднина“ со кој издавачот „Бата прес“, во програмата „Креативна Европа“ објави 15 книги за деца и млади од 15 познати европски автори.

Објавено на

часот

Сподели

Станува збор за роман за млади, за возбудлива и емотивна сторија за неприфаќање, несоодветност и желба да се истрае во својата различност. Тоа е и приказна за искрено пријателство, за доверувањето на најголемите тајни, за почитувањето и восхитувањето.

Начините на кои што главниот лик Саха се соочува со врсничкото насилство можат да бидат патоказ за сите тинејџери во слична позиција. Начинот на доживување на сопствената различност, исто така. Истовремено, ова е можна слика за идниот свет, ако не внимаваме во чувањето на планетата.

Авторот Андреас Ешбах е роден 1959 во Улм, Германија. Тој е познат и наградуван германски писател, особено во жанрот научна фантастика и фантастичен трилер. Пред комплетно да се посвети на пишувањето книги се школувал и работел како аеро и софтверски инженер.

Неколку од неговите романи се бестселери во Германија, а дури петпати ја има освоено националната награда „Курт Ласвиц“ за писатели од областа на научната фантастика. Ешбах пишува на едноставен јазик, приспособен за младите, стил на пишување што е обожуван од тинејџерите и нивните родители. „Аквамарин“ е роман кој првпат е објавен во 2015 година. Неговите книги се преведени на многу јазици, а ова е прва негова книга што е објавена на македонски јазик.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ