На презентацијата за фискалното управување во ЕУ и улогата на Фискалниот совет, Рокас напомена дека носителите на политики треба да ги сметаат фискалните совети како клучна цел во процесот на донесување на јавните политики. Фискалните совети, рече, поттикнуваат јавни дебати за фискални прашања и транспарентност што им овозможува на граѓаните и деловните субјекти, како и на инвеститорите подобро да ја разберат фискалната и финасиската состојба во нивните држави. Во овој контекст тој го поздрави формирањето на Фискланиот совет во земјава, како и напорот за јакнење на неговиот капацитет и мандат.
Рокас потсети дека во ЕУ, целта на фискалните совети е да вршат независен надзор и да го следат придржувањето кон фискалните правила што значи, како што истакна, да се избегнуваат преоптимистичките владини проценки или неодржливите планови за јавните трошоци кои може да доведат до фискални дисбаланси.
„Од 2018 година поддржуваме реформи во јавните финансии со проекти од околу 13 милиони евра. Основањето на Фискалниот совет во 2023 година беше значајна пресвртница во усогласувањето со рамката за економско упраување. Носителите на политики треба да ги сметаат фискалните совети како клучна цел во процесот на донесување на јавните политики и затоа, зајакнувањето на фискалните совети низ целата ЕУ се смета како клуч за фискална стабилност“, напомена евроамбасадорот.
Според него, фискалните совети во бројни држави се соочуваат со предизвици, а нивната делотвореност зависи од нивната независност.
„Очекуваме парламентите да бидат важни ресурси кои ќе работат со реални очекувања и проценки. Улогата на фискалните години се засили уште повеќе за време на кризите. Енергетската криза ја нагласи потребата од нивната улога“, истакна Рокас.
Презентацијата „Фискално управување во ЕУ и улогата на Фискалниот совет“ почна со воведни обраќања на претседателите на Комисијата за финансирање и буџет и на Комисијата за економски прашања, Сања Лукаревска и Бојан Стојановски.
Лукаревска потенцира дека само со почитување на фискалните правила и нивна имплементација ќе имаме стабилна економија. Фискалниот совет, дополни, мора да ја зацврсти својата улога и да продолжи со заложба за транспарентност на владините политики.
„Клучни карактерсистики за негова ефикасност е политичката независност, пристап до информации и можност за јавна дебата за економската политика и регулатива“, рече Лукаревска која се осврна и на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, порачувајќи дека земјава, и покрај тоа што беше исправена пред многу предизвици, мора да ја спроведе реформската агенда во јавната администрација, дигитализацијата, зелената енергија, човечкиот капитал и владеењето на правото. Според Лукаревска, државава не смее да импровизира со средствата од Планот за раст.
Претседателот на Комисијата за економски прашања, Бојан Стојановски истакна дека Фискалниот совет е тело за пример со членови кои се експерти во областа. Вратата на Собранието, нагласи, е секогаш отворена за соработка.
На презентацијата зборуваше и директорот на Канцеларијата на Светската банка во земјава, Масимилиано Паолучи.