сабота, 27 јули 2024

Ројтерс: Времето работи против Русите

Објавено на

часот

Сподели

Претседателот Владимир Путин можеби ќе треба да одлучи дали да испрати повеќе војници и воена опрема за да ги надополни своите драматично ослабени сили бидејќи приливот на модерно западно оружје ја зајакнува борбената моќ на Украина, велат аналитичарите.

Тешко дека руските сили ќе бидат брзо поразени, дури и ако нема поголемо распоредување нови војници, што значи дека четиринеделната битка за Донбас ќе се пролонгира, пишува Ројтерс.

Конрад Музика, директор на консултантската фирма Рохан, со седиште во Полска, и други аналитичари веруваат дека руските сили се соочуваат со неодржливи загуби на луѓе и опрема и дека нивните шанси за продор се намалуваат бидејќи Украина во борбата вклучува тешка западна артилерија.

„Времето дефинитивно работи против Русите. Ним им снемува опрема. Особено им снемуваат напредни ракети. И, се разбира, Украинците стануваат посилни речиси секојдневно“, вели Нил Мелвин од Институтот РУСИ во Лондон.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во вторникот рече дека „сè оди според планот… нема сомнеж дека сите наши цели ќе бидат остварени“.

Меѓутоа, во невообичаено критички коментар на главниот руски ТВ-канал оваа недела, истакнат воен аналитичар рече дека Русите треба да престанат да голтаат „информативни седативи“ за она што Путин го нарекува специјална воена операција.

Со сѐ поголемиот прилив на американски и европски испораки на оружје за украинските сили, „ситуацијата, искрено, ќе се влошува за нас“, рече пензионираниот полковник Михаил Ходарјонок.

Русија ја нападна Украина на 24 февруари, а по неуспешната инвазија на Киев, на 19 април се сврте кон „втората фаза“ – заземање на југот и на целиот Донбас, од кој дел од 2014 година е под контрола на проруските сепаратисти.

Предавањето на украинските војници од фабриката за челик Азовстал во Мариупол ќе му овозможи на Путин да прогласи ретка победа во кампањата. Мариупол, главното пристаниште на Донбас, е најголемиот град што Русија го освоила досега и ѝ дава целосна контрола над Азовско Море и на дел од територијата низ истокот и југот на Украина. Ројтерс наведува дека повеќемесечниот отпор на Мариупол стана глобален симбол на одбивањето на Украина да попушти пред непријателот, кој е далеку подобро вооружен, и дека речиси целосното уништување на градот ја покажало руската тактика на бомбардирање населени центри со гранати и бомби.

Пред инвазијата сепаратистите држеа околу една третина од територијата на Донбас. Москва сега контролира околу 90 отсто од регионот Луганск, но не успеа да направи голем пробив кон клучните градови Славјанск и Краматорск во Доњецк за да ја прошири контролата врз целиот регион.

„Јас сум длабоко скептичен за нивните шанси да го освојат целиот Донбас“, рече Мајкл Кофман, експерт за руската војска на ЦНА, американска непрофитна организација за истражување и анализа.

„Нивните сили се драматично ослабени, а веројатно и нивниот морал. Се чини дека офицерите немаат голема желба да продолжат да се обидуваат да водат офанзиви, а руското политичко раководство како целина се чини дека одолжува иако се соочува со стратегиски пораз“, рече тој.

Северно од Донбас, Киев покрена контраофанзива во близина на Харков во југоисточна Украина, истиснувајќи ги руските сили од вториот по големина град во областа. Музика верува дека Украина оваа недела би можела да обезбеди значителен дел од својата граница со Русија северно од Харков. Сепак, нејзините сили нема да можат да го повторат таквиот брз напредок во Донбас, каде што концентрацијата на руските војници е многу погуста, пишува Ројтерс.

„Тоа ќе биде тешка и веројатно долготрајна борба. Руската армија не се снајде најдобро во офанзивата, но исто така ниту се повлекува ниту лесно се предава“, рече Кофман.

Артилериска војна

Приливот на тешко западно оружје, вклучително и голем број американски и некои канадски „хаубици М777“, кои имаат поголем дострел од руските, може да ѝ даде предност на Украина во војната, која се врти околу артилериските дуели, се наведува во анализата на Ројтерс.

„Не ме сфаќајте погрешно, Русите сè уште имаат севкупна артилериска супериорност во однос на бројките, но не сум сигурен дека сега истото важи и за квалитетот… Ова е артилериска војна.“

Музика и Кофман рекоа дека дури и ако Путин испрати повеќе војници, може да бидат потребни месеци за тие да се организираат.

„Многу е јасно дека тие се подготвуваат за некаква мерка да повикаат луѓе со претходно воено искуство. Но во моментов, колку што можам да проценам, Путин само го одложува решавањето на проблемот и остава ситуацијата внатре во руската армија всушност да се влоши“, рече Кофман.

„Засега, ова се чини дека е последната руска офанзива.“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ