Ројтерс потсетува на таканаречената „казнена психијатрија“ што се користеше во Советскиот Сојуз како метод за борба против политичките неистомисленици од доцните 1960-ти до раните 1980-ти.
Ројтерс анализираше податоци од меѓународни експерти и две руски организации за заштита на човековите права, интервјуираше тројца адвокати и прегледа материјали поврзани со две активистки кои судот ги испрати на психијатриско лекување во болница во Сибир.
Двете жени биле отпуштени од лекување по неколку недели, опишувајќи го нивниот престој во болницата во Сибир како тешко искушение кое ги оставило со трајни лузни.
Екатерина Фатјанова (37) беше примена во психијатриска болница во нејзиниот роден град Краснојарск на 28 април минатата година, откако беше обвинета за дискредитација на руската војска со објавување напис во мал опозициски весник што го води во слободно време.
Фатјанова се нашла на суд иако не била авторка на текстот во кој се наведува дека зад нападот на Украина стојат руски империјалистички цели, наведува агенцијата.
Тврди дека во болницата ѝ биле извршени болни, понижувачки и непотребни процедури, меѓу кои и гинеколошки преглед. Таа била пуштена од болница на 27 мај откако лекарите утврдиле дека нема ментално растројство или болест.
„Верувам дека вистинската цел да ме сместат во таа институција беше морално да ме скршат и да ме изолираат од општеството, можеби како казна за мојот активен граѓански ангажман“, вели Екатерина.
Роберт ван Ворен, холандски професор и активист за човекови права, кој со децении го проучувал она што тој го нарекува „политичка злоупотреба на психијатријата во Русија“, изјави за Ројтерс дека документирал 23 такви случаи годишно од 2022 година, во споредба со просекот од пет случаи годишно помеѓу 2015 и 2021 година.
Руското Министерство за правда, комесарот за човекови права и Кремљ не одговорија на барањата за коментар за наводната злоупотреба на психијатријата за политички цели. Кремљ соопшти дека не коментира за поединечни случаи во рамките на системот на кривичната правда. Барањето за коментар беше одбиено и од болницата во Краснојарск.
Руската организација за човекови права Меморијал идентификуваше 48 лица кои моментално се на психијатриско лекување за политички мотивирани случаи. Од овие 48, двајца се во психијатриски болници во затворски установи, додека другите 46 се во редовни психијатриски болници.
Најчестите обвинувања против нив се однесуваат на критикување на војната во Украина. Од групата идентификувана од Меморијал, 13 беа обвинети според законите за цензура донесени по војната во Украина.
Најмладото лице кое беше подложено на принудно психијатриско лекување поради учество во антивоен протест наполни 20 години минатата недела во болницата, тврдат од Меморијал. Судот го испрати на лекување во февруари минатата година, откако како тинејџер побарал дозвола да организира антивоен митинг во 2023 година.