четврток, 26 декември 2024

Роберт Кенеди Помладиот: Бајден е поголема закана за демократијата од Трамп

Независниот претседателски кандидат Роберт Ф. Кенеди Помладиот оцени дека актуелниот претседател на Соединетите Американски Држави Џо Бајден е поголема закана за демократијата од кандидатот на Републиканската партија Доналд Трамп.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во интервју за Си-ен-ен Кенеди кажа дека Бајден „ги користел сојузните агенции за цензура на политичкиот говор“, алудирајќи на случајот пред Врховниот суд кој би можел да влијае на нивото на контакти меѓу владините функционери и компаниите на социјалните медиуми во врска со отстранувањето содржини.

Минатиот месец повеќето судии на Врховниот суд внимателно и „во ракавици“ алудираа дека администрацијата на Бајден незаконски им наложила на платформите на социјалните медиуми да отстранат „проблематични содржини“.

„Можам да изнесам аргумент дека претседателот Бајден е многу поголема закана за демократијата, а причината за тоа што претседателот Бајден е првиот кандидат во историјата, првиот претседател во историјата, кој ги користел сојузните агенции за цензура на политичкиот говор… за да го цензурира својот противник“, кажа Кенеди.

„Можам тоа да го кажам бидејќи тукушто го добив случајот на сојузниот апелациски суд, а сега е пред Врховниот суд, што покажува дека почнал да цензурира“, додаде Кенеди не објаснувајќи за кој случај станува збор.

Демократскиот национален комитет ја осуди изјавата на Кенеди и го обвини за ширење теории на заговор по социјалните мрежи.

„Роберт Ф. Кенеди Помладиот сериозно кажа дека Џо Бајден е поголема закана за демократијата од Доналд Трамп бидејќи му е забрането да форсира теории на заговор на интернет“, кажа вишата советничка на Демократскиот комитет Мери Бет Кејхил. „Нема споредба со повикувањето толпа на Капитол и ветувањето дека ќе бидете диктатор од првиот ден“, додаде таа алудирајќи на Трамп.

Иако сојузници на Бајден се плашат дека Кенеди би можел да му извлече гласови и да му помогне на Трамп да се врати во Белата куќа, неколку членови на кланот Кенеди гласно го поддржаа Бајден и го критикуваат Роберт Ф. Кенеди Помладиот. Кенеди, како Трамп, тврди дека претходните претседателски избори се украдени.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ