четврток, 6 февруари 2025

Ристески: Владата ќе ја прифати минималната плата што ќе ја договорат работниците и работодавците

На гостувањето на поткастот „ВМРО-ДПМНЕ зборува’’, заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески говореше за транспарентноста и чесното работење на Владата, во однос на договорот за минимална плата, каде им е оставено на работниците и на работодавците да се договорат околу нејзиниот износ.

Објавено на

часот

Сподели

„Се даде можност на двете спротивставени страни, а тоа се Организацијата на работодавачите во Македонија и синдикатите да седнат и да се договорат, и она што ќе го договорат оваа Влада на чело со ВМРО-ДПМНЕ ќе го прифати. Тоа јасно и гласно го кажа премиерот Христијан Мицкоски’’, истакна Ристески.

Ристески го оправдува револтот на граѓаните околу цените во маркетите и ги повикува маркетите да се вразумат околу цените, за да нема потреба од ургенции на Владата.

„Треба да се вразумат, имаат период да се вразумат и да ги симнат цените на едно нормално ниво. Ние не велиме да немаат профит маркетите. Кој би работел без профит? Ние треба да внимаваме и на таа страна – значи производители, добавувачи, маркетите, не треба да работат со загуби, како што било во претходната власт. Нормално, тие вработуваат луѓе, влијаат на економскиот раст, меѓутоа да имаат едно стабилно ниво на цени коешто одговара на економските прилики и состојби и во Македонија и во регионот“, појасни Ристески.

Околу Законот за нефер трговски практики, заменик министерот за економија и труд нагласи за тоа дека законот што го спроведувале, не бил докомплетиран, поради тоа што немало формирано комисија за заштита на конкуренцијата.

„Сега е сè комплетирано, излезени се луѓето на терен и КЗК треба комплетно да ги проверува овие договори. И доколку постојат нефер трговски практики да ги казнува. Казните се големи до 20 илјади евра. Се надевам дека во текот на овој месец, доколку се утврдат вакви неправилности, ќе ги слушнеме и првите казни за маркетите или добавувачите“, потенцираше тој.

Ристески на крајот напомена и за унгарскиот кредит, кој според него, е еден од најповолните кредити до сега, со кој ќе се вбризгаат финансиски средства во бизнисите и општините.

„Владата зеде еден од најповолните кредити со 3,25% каматна стапка, што навистина во оваа пазарна економија и можност на пазарот за кредитирање на една држава е еден од најниските проценти на каматна стапка. Исто така, условот за да користат кредити е уште пониска каматна стапка од 1,95%, што досега не се случило во Република Македонија. Тие ќе имаат можност за учество од 20% со свои финансии, а остатокот ќе биде од кредит обезбеден од комерцијалните банки, преку Развојната банка на Република Македонија. Сето тоа е подготвено и спремно. Јас ги повикувам сите претпријатија и бизнис-секторот, сите правни субјекти во Македонија да го искористат проектот“, заклучи Ристески.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ