При третманот во хипербарната комора пациентот вдишува 100% кислород при зголемен атмосферски притисок и на тој начин природно се забрзува времето на закрепнување и обновување на организмот. Постапката со хипербарната кислородна терапија се одвива со помош на ороназална маска преку која се доставува кислород до секоја клетка од телото.
„Третманот во хипербарната комора е природен метод кој има улога во подобрување на физичките и когнитивните перформанси и се поврзува со повеќе болести и здравствени состојби. Во нормални услови, клетките апсорбираат само 25% кислород, а внатре во хипербарната комора, притисокот го принудува кислородот во белите дробови, крвотокот и клетките, да ги зголеми стапките на апсорпција во клетките. На сите ткива им треба идеално снабдување со кислород за правилно функционирање. Повреденото ткиво бара повеќе кислород за да се обнови и регенерира, така што хипербаричната кислородна терапија ќе го зголеми количеството кислород што го носи крвта за да ги врати потребните нивоа на гасови во крвта и да ја обнови функцијата на ткивата“, вели д-р Александра Лазаревска.