Поправка или крпење на заболените органи со вештачко ткиво звучи како научна фантастика, иако различни тимови ширум светот работат на тоа со години. Меѓутоа, штотуку објавената студија на германските научници во стручното списание Природа покажува дека тоа наскоро би можело да стане реалност во болниците, пренесува Дојче веле.
Волфграм Хубертус Цимерман, директор на Институтот за фармакологија и токсикологија на Универзитетската клиника во Гетинген, разви вештачко срцево мускулно ткиво, таканаречен срцев фластер.
„Нашите пациенти се срцеви пациенти со големо оштетување на срцевиот мускул, најчесто по срцев удар, оваа штета погодува околу четвртина од срцето. Срцевото ткиво што го создаваме е такво што може да ја компензира таа загуба“, вели тој.
Во оваа студија, единствена во Европа, тимот ги претстави резултатите од истражувањето на животните, кои претходеа на сегашната студија за луѓе. Се покажа дека култивираните клетки се спојуваат со срцето и му помагаат да пумпа крв.
Покрај тоа, истражувачите го анализирале срцето на пациентка којa билa трансплантиранa со таков фластер за срце. По неколку месеци добила ново срце преку трансплантација, што овозможило да се прегледа претходно „крпеното“ срце. Јасно се гледало дека ткивото на вештачкото срцево мускулно ткиво се споило со срцето.
Поради оваа причина, продолжувањето на оваа студија се спроведува веќе две години на Универзитетските клиники во Гетинген и Либек – првата клиничка студија за луѓе.
Она што го прави фластерот за срцето посебен е тоа што се состои од клетки одгледувани во лабораторија. Конкретно, од специјални матични клетки, таканаречени индуцирани плурипотентни клетки (иПС-клетки).
Тие природно не се наоѓаат во телото, туку се добиваат со генетски трик: во лабораторија, научниците од Гетинген репрограмирале една клетка од телото во иПС-клетка, која е речиси идентична со природните матични клетки, за да можат од неа да добијат клетки на срцевиот мускул.
Срцевиот фластер сè уште не е официјално одобрена терапија – тоа е студија за докажување на концептот. Експертите за матични клетки, како што е Френк Еденхофер од Универзитетот во Инсбрук, кој и самиот работи на култура на ткиво, оваа студија ја сметаат за пресвртница во регенеративната медицина на ткивата.
Сепак, ќе помине некое време додека терапијата официјално да биде одобрена за луѓето – иако податоците јасно укажуваат дека култивираното ткиво на срцевиот мускул навистина ја „стабилизира и подобрува“ функцијата на срцето, како што истакнува кардиохирургот Енсмингер.
Дали овој метод ќе стане стандардна терапија за сите пациенти со тешка срцева слабост ќе покажат понатамошните фази на клиничкото испитување.