Овој пакет, договорен во 2018 година, предвидуваше Маск да добие акции на Тесла во големи количини доколку компанијата постигне конкретни цели како што се зголемување на вредноста на акциите и производството, без фиксна годишна плата, пишува Би-би-си.
Иако акционерите и директорите на Тесла го одобрија овој пакет плати, судијката Кетлин Мекормик утврди дека членовите на одборот биле премногу под влијание на Маск, што го прави процесот на доделување плати пристрасен.
Во јануари судијката веќе донесе слична пресуда, а сега повторно го отфрли овој пакет, сметајќи го за неправеден, иако за негово спроведување гласале 75 отсто од акционерите. Маск одговори на пресудата, велејќи дека акционерите, а не судиите, треба да одлучуваат за такви работи.
Тесла најави жалба на оваа пресуда, посочувајќи дека тоа може да создаде „опасен преседан“, според кој судиите би можеле да ги контролираат компаниите наместо самите акционери.
Во својата одлука, судијката нагласи дека Тесла не докажала дека пакетот плати е праведен и дека аргументите на компанијата не се доволни за да се оправда висината на надоместокот.
На крајот, судијката одлучи дека акционерот кој ја поднел тужбата треба да добие 345 милиони долари за правни трошоци, но не и 56 милијарди долари во акции на Тесла што ги барал.
Според Би-би-си, Тесла би можела да се обиде повторно да преговара за сличен пакет плати во Тексас, каде што ги пресели своите деловни активности на почетокот на оваа година.