Се проценува дека 473 милиони деца живеат во области на конфликт, што е повеќе од секое шесто дете во светот, се вели во извештајот на организацијата објавен денеска.
Уделот на таквите деца е речиси двојно зголемен: од околу 10 проценти во 1990-тите на речиси 19 проценти денес, според УНИЦЕФ. Ги убиваат, повредуваат, мораат да го напуштат училиштето, немаат основни вакцини или страдаат од тешка неисхранетост.
„Според секоја мерка, 2024 година беше една од најлошите години за децата зони на конфликт во историјата на УНИЦЕФ, како во однос на бројот на погодени деца, така и во однос на нивото на влијание врз нивните животи“, рече во изјавата шефицата на УНИЦЕФ Кетрин Расел.
„Дете кое расте во зона на конфликт има многу поголеми шанси да не биде на училиште, да биде неисхрането или да биде протерано од својот дом. Ова не смее да биде ново нормално. Не смееме да дозволиме генерацијата деца да стане колатерална штета од неконтролираните светски војни“.
Според УНИЦЕФ, 47,2 милиони деца биле раселени поради конфликти и насилство до крајот на 2023 година. Трендовите за 2024 година укажуваат на дополнително зголемување на раселувањето поради интензивирањето на различни конфликти, вклучително и во Хаити, Либан, Мјанмар, Палестина и Судан.