Здружението на новинарите на Македонија доби пријава дека четворица новинари од странство биле привилегирани од страна на службите за сметка на домашните медиумски работници.
„Четворицата странски новинари биле сместени да седат во дипломатскиот дел на терасата во пленарната сала и исто така во текот на нивната посета биле пренесувани со владини службени возила. Сметаме дека досега ова не било пракса и укажуваме дека со ваквите постапки се прави преседан кој може да остави впечаток дека некој е привилигиран за сметка на друг во новинарската фела. Ваквиот третман во најмала рака ги омаловажува останатите новинари и создава перцепција дека се влијае на странските новинари да известуваат во полза на домашните чинители од политичките партии во собранието, додека пак нееднаквиот третман на новинарите придонесува за недостаток на транспарентност и отчетност.
Привилегирањето на одредени новинари во однос на други од страна на службите на Република Северна Македонија предизвикува сериозна загриженост за слободата и интегритетот на новинарството во земјата. Таквото фаворизирање може да резултира со пристрасно известување, цензура и сузбивање на различни гласови, што на крајот ќе го загрози правото на јавноста за пристап до точни и непристрасни информации“, се вели во реакцијата на ЗНМ.