Пригожин кажал дека ако украинските команданти ги повлечат своите војници од областа околу Бахмут, тие ќе му дадат на Киев информации за позициите на руските трупи, кои Украина би можела да ги искористи за напад.
Пригожин го пренел предлогот на своите контакти во украинската воено-разузнавачка управа, со кои одржувал тајни комуникации за време на војната, според досега непознатите документи на американските разузнавачки служби протечени на платформата за групен разговор Дискорд.
Пригожин е во јавен конфликт со руските воени команданти, за кои тврди дека не успеале да ги опремат и да ги снабдат неговите сили, кои се од витално значење за воените напори на Москва. Но, тој е и сојузник на рускиот претседател Владимир Путин, кој би можел да ја смета понудата на Пригожин за размена на животите на Вагнеровите борци за руски војници за предавство, пишува Вашингтон пост.
Протечениот документ не појаснува кои позиции на руските војници Пригожин понудил да ги открие.
Двајца украински функционери потврдија дека Пригожин неколку пати разговарал со украинската разузнавачка служба позната како ХУР. Еден функционер рече дека Пригожин повеќепати дал понуда во врска со Бахмут, но дека Киев ги одбил затоа што официјалните лица не му верувале на Пригожин и верувале дека неговите предлози може да бидат нечесни. Еден американски функционер, исто така, предупреди дека во Вашингтон има слични сомнежи за намерите на Пригожин.
Во неодамнешното интервју за Вашингтон пост, украинскиот претседател Володимир Зеленски не сакаше да ги потврди контактите со Пригожин: „Ова е прашање за воената разузнавачка служба“. Украинскиот лидер, исто така, се спротивстави на јавното објавување на доверливите информации велејќи дека верува оти протекувањето е од корист за Русија.
Но, не може да се оспори горчливата фрустрација на Пригожин од тешките борби во Бахмут. Тој се жалеше, јавно и приватно, дека руското Министерство за одбрана не им дало на неговите борци муниција и други ресурси што им се потребни за успех. Бахмут, град во источна Украина, беше сцена на веројатно најкрвавите борби во војната. Во текот на изминатите неколку месеци, украинските и руските сили претрпеа големи загуби во борбите на градските улици.
Пригожин вети дека ќе ја преземе контролата врз градот до 9 мај, на време за прославата на рускиот Ден на победата, а неодамна јавно се закани дека ќе ги повлече своите сили од борбата.
Други протечени документи откриваат дека претставници на руското Министерство за одбрана приватно се прашуваат како да одговорат на критиките на Пригожин за работата на војската и неговите барања за повеќе ресурси, за кои тие очигледно признаа дека не се нелегитимни жалби. Документите, исто така, откриваат борба за моќ меѓу Пригожин и највисоките функционери, вклучувајќи го и рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу.
Во оваа тензична средина, Пригожин одржувал тајни комуникации со украинската разузнавачка служба кои, покрај телефонските повици, вклучувале и лични средби со офицерите на ХУР во неодредена земја во Африка, според еден документ. Силите на Вагнер обезбедуваат неколку влади на тој континент.
Американските разузнавачки податоци укажуваат дека Пригожин жали за големите загуби на своите сили и ја повикува Украина посилно да ги нападне руските трупи.
Според еден документ, Пригожин му рекол на украинскиот разузнавач дека руската војска има проблеми со снабдувањето со муниција. Тој ги советувал украинските сили да ја нападнат границата на Крим, кој беше нелегално анектиран од Русија, додека моралот на руската војска беше низок.
Во извештајот се наведени и други разузнавачки информации, истакнувајќи дека Пригожин бил свесен за падот на моралот меѓу Вагнеровите сили и дека некои од неговите борци одбиле наредби за борбениот распоред во областа Бахмут под силен оган, плашејќи се дека ќе претрпе повеќе загуби.
Во воени услови, не е невообичаено спротивставените страни да одржуваат некаков облик на комуникација. А документите не ја откриваат намерата на Пригожин во разговорите со своите поранешни непријатели во Украина. Во интервјуто, украинскиот функционер ги карактеризира контактите во духот „да се чуваат пријателите блиску, а непријателите уште поблиску“.
Документите, исто така, сугерираат дека Киев се сомнева или можеби знае дека Кремљ е свесен за комуникациите на Пригожин со украинските разузнавачи, ако не и за неговите тајни преговори за Бахмут.
Во еден документ, заснован на прислушуваните комуникации, се наведува дека шефот на украинската воена разузнавачка служба Кирило Буданов „очекувал дека Русите ќе ги искористат деталите од тајните разговори на Пригожин со ХУР и неговите состаноци со нивните офицери во Африка за да го натераат да се претстави како украински агент“. Во документот не е прецизирано дали Буданов се сомнева дека Москва веќе знае дека Пригожин разговара со офицерите на ХУР.
Кога бил информиран дека документите на американските разузнавачки служби ја откриваат неговата комуникација со украинската разузнавачка служба, Пригожин ја релативизирал целата ситуација.
„Да, секако дека можам да ја потврдам оваа информација, немаме што да криеме од странските специјални служби. Буданов и јас сѐ уште сме во Африка“, напиша Пригожин во неделата на својот канал на Телеграм.






