вторник, 15 јули 2025

Судан: Завојуваните страни дозволија пристап до хуманитарна помош, продолжуваат преговорите за привремено примирје

Објавено на

часот

Сподели

Претставници на суданската војска и паравоените Сили за брза поддршка (РСФ), кои се во конфликт речиси еден месец, потпишаа изјава во Џеда, Саудиска Арабија, со која се обврзуваат дека ќе ги заштитат цивилите во Судан, изјави американски претставник кој учествуваше во разговорите.

По шестдневни преговори, претставници на војската на генералот Абдел Фатах ал-Бурхан и паравоените Сили за брза поддршка (РСФ) на генералот Мохамед Хамдан Дагло ја потпишаа „декларацијата од Џеда за заштита на цивилите во Судан“.

Двете страни ветија дека ќе дозволат влез на хуманитарна помош, ќе дозволат воспоставување на електричната енергија, водата и другите основни услуги, ќе ги повлечат безбедносните сили од болниците и ќе организираат „достоен погреб“ на загинатите.

Ќе продолжат преговорите за постигнување ново привремено примирје што ќе овозможи испорака на помош, а на маса е и предлогот за прекин на борбите на десет дена, изјави американска функционерка која не сакаше да биде именувана.

„Не станува збор за прекин на огнот. Се работи за остварување на обврските според меѓународното хуманитарно право“, особено кога станува збор за цивили, додаде таа.

Вашингтон се надева дека потпишувањето на овој договор ќе создаде „динамика“ што може да доведе до достава на помош, рече таа, но заклучи дека војската и паравоената група „сè уште не стигнале дотаму“.

Судирите во Судан избија на 15 април меѓу суданската војска и паравоените единици предводени од двајца ривалски генерали. Во насилството досега загинаа повеќе од 600 луѓе, вклучително и цивили, а неколку стотици илјади се раселени или побегнаа во соседните земји.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ