Европскиот парламент усвои резолуција со која од алжирскиот режим се бара „веднаш да ги ослободи“ произволно приведените активисти и новинари.
Резолуцијата беше усвоена со огромно мнозинство – 536 пратеници гласаа за, 18 беа воздржани, а само 4 гласаа против резолуцијата.
Во соопштението, Европскиот парламент изјави дека резолуцијата има за цел да ги поттикне властите во Алжир да ги ослободат сите произволно приведени дисиденти, како и активисти или новинари „обвинети за искористување на своето право“, меѓу кои и новинарот Ихсане Ел Кади.
Откако алжирските власти го уапсија новинарот во декември 2022 година, тој минатиот април беше осуден на петгодишна затворска казна за наводно „добивање средства за политичка пропаганда“ и „повредување на безбедноста на државата“.
Според Европскиот парламент денешната резолуција има за цел да се повикаат „алжирските власти да ги изменат обвиненијата поврзани со безбедноста во Кривичниот законик на земјата што се користат за криминализирање на правото на слобода на изразување“.
Во изјавата со која ја објави својата резолуција Европскиот парламентот ја повтори загриженоста за влошувањето на состојбата на слободата на медиумите во Алжир откако социјалното движење Хирак ја погоди земјата на почетокот на 2019 година.
Во продолжение, Европскиот парламент ги повика сите други институции на ЕУ „отворено да го осудат казнувањето на слободата на медиумите во Алжир“.
Ова не е прв пат меѓународно тело да иницира непријатни прашања околу влошувањето на човековите права во Алжир.
Во март оваа година, група активисти исто така изразија загриженост за време на седницата на поткомитетот за човекови права на Комитетот за надворешни работи на ЕУ во Брисел.
Во меѓувреме, европратеникот Бернард Гета, исто така, во март изрази загриженост за ситуацијата со слободата на изразување во Алжир, опишувајќи ја како „строго контролирана и со тенденција на зголемување на контролата“.






