Додека постарите генерации (можеби) можат да замислат еден ден, па дури и цела недела, без видеоигри и платформи за стриминг, дали тоа воопшто е можно во денешно време? Група ученици од Булме, Австрија, решиле да откријат. Еве како се снашле.
„Повеќе слободно време“
„Забележав колку време имам кога не го поминувам цел ден на социјалните мрежи. Повеќе се заинтересирав за музика и уметност. Во втората недела бев во искушение да се вратам на мрежите. Без видеоигри, ми недостигаше чувството на возбуда, што беше предизвик. Исто така, ми недостигаа стриминг-платформите. Сфатив колку сум зависен од социјалните мрежи“, рекло едно момче по име Килијан.
Сличен бил и следниот коментар, а ученикот издржал шест дена.
„Првите неколку дена беа брутални. Постојано имав чувство дека нешто ми недостига. Беше особено тешко на автобуска станица – тогаш обично скролам по Икс, но сега само стоев. По неколку дена ми стана полесно, почесто излегував на прошетки. Навечер правев склекови наместо да поминувам време на телефонот. Се откажав по шест дена“, рекол Арнел.
„Навиките се посилни отколку што мислиме“
„Во почетокот тоа не ми беше тешко бидејќи приоритет ми беше училишната работа. Но забележав колку се автоматизирале движењата на прстите. Понекогаш несвесно ја отворав апликацијата. Беше шокантно колку длабоко се вкоренети овие мали движења во моториката. Пак почнав повеќе да читам и сега сакам да го одржам времето пред екранот во разумни граници“, рекла Нора.
„Корисно искуство“
„Во првите денови често го отклучував телефонот од навика и несвесно кликнував на Инстаграм или Тикток. Го користев Јутјуб во неделата, но само за учење хемија. Дури во последните два дена се вратив на социјалните мрежи и се чувствував виновна поради тоа. Сепак, тоа беше корисно искуство“, рекла Ања.
„Враќање на старите хобија“
Имаше и такви што нашле олеснување во навиките што ги имале кога биле помлади.
„Имав и добри и лоши искуства. Постојано имав чувство дека нешто ми недостига. Го искористив времето за моето најголемо хоби – планинарењето. Во втората недела се разболев, па прочитав повеќе книги и долги написи во Њујорк тајмс и Клајне цајтунг. Си поставив цел почесто да го ставам телефонот настрана – иако не е лесно“, рекол Самјуел.
Петар, пак, играл шах.
„По неколку дена имав симптоми на одвикнување. Се чувствував како да поминала цела вечност откако последен пат играв видеоигри. Слободното време го користев за гледање документарни филмови за природата и филозофијата. Во училиште играв шах со другарите. По една недела се разболев слоши и ја изгубив волјата за експериментирање“, рекол тој.
Двете недели без социјалните мрежи донеле различни искуства – од предизвици и чувство дека се пропушта нешто, до откривање нови интереси и повеќе слободно време. Иако не беше лесно, повеќето учесници сфатиле колку навистина се зависни од дигиталниот свет.