И тоа не поради пораки од пријатели или електронска пошта од работа, туку поради известувања од разни брендови: дека чантата што ја гледав е на распродажба, дека последниот пар фармерки во мојата големина е оставен во кошничката или дека апликацијата одобрила некоја дополнителна промоција за мене.
Најчесто не реагирам, но новите истражувања покажуваат дека компаниите го прават ова со причина – и научно е докажано дека известувањата со вибрации, кога се правилно „дозирани“, ја зголемуваат шансата да притиснете на „купи“ или да додадете нешто во кошничката.
Затоа вибрациите станаа еден од главните начини да нè натераат да трошиме без да бидеме свесни за тоа, пренесува хрватскиот портал Јутарњи.
Како вибрацијата влијае на нашите купувања?
Не е никаква новост дека вибрацијата им годи на луѓето, претходни истражувања проучувале како ги доживуваме известувањата со вибрации, особено во споредба со звучните и визуелните сигнали.
Но ова ново истражување на швајцарски научници за првпат детално разгледало како точно реагираме на вибрациите и колку должината на вибрацијата влијае врз одлуката да купиме нешто.
Заклучок? Вибрациите сериозно влијаат на нашето однесување како купувачи. Поточно, истражувањата покажуваат дека вибрациите од брендовите ја зголемуваат веројатноста да додадеме нешто во нашата кошничка за 3 до 18 проценти, особено кај помладите корисници, кои се најголеми љубители на мобилните телефони.
Најинтересно откритие: луѓето ја доживуваат вибрацијата на телефонот како еден вид „мала награда“. Ако веќе сме запознаени со овој тип известувања, реагираме уште подобро – што значи дека колку почесто вибрира, толку е поголема веројатноста да купиме нешто.
Телефоните нè „смируваат“
Студијата дополнително покажа дека телефоните имаат и „смирувачки ефект“ – додека користиме телефон, чувствуваме ослободување од стрес и социјална поврзаност, што е поврзано со вибрациите и наградите што ги симболизира. Должината на вибрациите е клучна овде.
Научниците го тестирале сето ова преку шест обемни студии, вклучувајќи и една со 1000 учесници од САД и Англија. Луѓето притискале одредени копчиња на телефонот и внесувале шифри, истражувачите го следеле нивното однесување во наредните 24 часа: колку често го користат телефонот и колку често ги проверуваат известувањата.
Резултат? Идеалната вибрација што дава „награда“ трае околу 400 милисекунди (плус или минус 50). Вибрациите што се премногу кратки или предолги немаат ист ефект. Кога оваа идеална вибрација се комбинира со специфично однесување на телефонот, како што е додавање артикли во кошничката, се зголемува шансата да купиме.
Што значи ова за нас и нашите паричници?
Авторите на студијата истакнуваат дека ова би можело да биде огромно за компаниите кои се префрлаат на мобилно купување – статистиката вели дека мобилното купување расте три пати побрзо од купувањето преку компјутер, особено кога станува збор за намирници.
Но, поважно од тоа – ова е сигнал и за нас како потрошувачи. Вибрациите можат да манипулираат со нашите импулсивни одлуки и добро е да бидеме свесни за тоа.
Препорака од истражувачите:
- Исклучете ги вибрациите на телефонот, или барем во одредени апликации.
- Бидете внимателни ако имате проблем со импулсивно трошење.
- Брендовите треба јасно да кажат кога користат вибрации за маркетинг, за да можеме да носиме поинформирани одлуки.
Накратко, вибрација од половина секунда може да изгледа безопасна, но всушност нè тера да купиме повеќе отколку што сме планирале. Во свет каде што статусот се мери според работите што ги поседуваме, а импулсивното трошење е норма, ова е повеќе од само ситница – ова е тактика што функционира.






