Билет за лет на компанијата „Аксиом Спејс“ со седиште во Хјустон чинел повеќе од 65 милиони долари по патник. Ракетата Фалкон на Спејсекс беше лансирана од вселенскиот центар Кенеди на НАСА со две недели задоцнување поради загриженост за истекување на течности од вселенската станица.
Екипажот го сочинуваат Индиецот Шубаншу Шукла, пилот на индиските воздухопловни сили, Унгарецот Тибор Капу, машински инженер, и полскиот експерт за зрачење Славош Узнански-Вишњевски, како и најискусната американска астронаутка Пеги Витсон. Астронаутите треба да пристигнат на МВС следниот ден наутро.
Тие не се првите астронаути од овие земји кои патуваат во вселената.
Првиот унгарски астронаут, Берталан Фаркаш, беше лансиран во вселената со советско вселенско летало во 1980 година. Тој денеска беше во космодромот за да го бодри Капу. Првите астронаути од Индија и Полска, исто така, беа лансирани со Советите кон крајот на 1970-тите и 1980-тите.
Ова е четврти чартер лет на Аксиом до вселенската станица од 2022 година и втор пат Витсон да лета како командант на екипажот. НАСА, која некогаш беше против гости на вселенската станица, ја промени својата политика, наплаќајќи им за храна и сместување, но инсистирајќи тие да бидат придружени од искусен астронаут.
Тоа е дел од напорите на НАСА да го отвори просторот за приватните претпријатија. „Аксиом“ е меѓу неколкуте американски компании кои планираат да лансираат свои вселенски станици во следните неколку години. Целта е тие да бидат оперативни пред Меѓународната вселенска станица да биде затворена во 2031 година.
Тие требаше да летаат на почетокот на оваа година, но нивната мисија беше одложена откако капсулите Спејсекс беа заменети. Промената им овозможи на двајца заглавени астронаути на НАСА, Буч Вилмор и Суна Вилијамс, да се вратат на Земјата во март порано од планираното.
Астронаутите на „Аксиом“ се соочија со ново одложување на лансирањето по пристигнувањето на Флорида. Спејсекс мораше да го поправи истекувањето на кислород во својата ракета, а потоа НАСА ја одложи посетата на екипажот на неодредено време додека ги надгледуваше поправките на долгогодишните истекувања на воздух на руската страна на вселенската станица.
Ракетите Фалкон на Илон Маск од Спејсекс се значително помали од ракетите Старшип на пробните летови од Тексас кои експлодираа една по друга оваа година. Посигурните ракети Фалкон носат екипажи во орбитата од 2020 година.