Според најновото истражување, во кое учествувале половина милион учесници, откриено е дека редовното возење велосипед значително го намалува ризикот од деменција.
Резултатите покажуваат дека оваа активност има особено корисен ефект врз деловите од мозокот одговорни за меморијата.
Деменцијата се наметна како водечка болест на зависност и инвалидитет кај постарите лица, а според предвидувањата во блиска иднина на глобално ниво се зголемува бројот на заболени од оваа болест. Според податоците од истражувањата, во 2019 година имало 55 милиони заболени, а се очекува до 2050 година бројот на заболени да достигне 139 милиони, пренесува РТС.
Студијата спроведена од истражувачи од Универзитетот за наука и технологија Хуаџонг во Кина и Универзитетот во Сиднеј, ја потврди тезата дека возењето велосипед, како и другите активности со лесни вежби, го штитат мозокот од невродегенерација.
Со следење на евиденцијата за јавно здравје во Велика Британија за речиси половина милион луѓе со просечна возраст од околу 56 години, истражувачите бараа врска помеѓу најчестите форми на транспорт и која било форма на деменција.
Начините на транспорт беа поделени во четири групи: неактивни (автомобили и јавен превоз), пешачење, комбинирано пешачење и неактивен превоз и група луѓе кои возат велосипеди. Патувањето до и од работа беше исклучено од анализите.
Во споредба со неактивните патници, велосипедистите имале 19 отсто помал ризик од деменција од сите причини, 22 отсто помал ризик од Алцхајмерова болест, 40 отсто помал ризик од деменција што може да започне пред 65-тата година и 17 отсто помал ризик од деменција што се јавува во подоцнежните години.
„Наодите објавени во истражувањето сугерираат дека промовирањето на активни стратегии за патување, особено возење велосипед, може да биде поврзано со помал ризик од деменција кај средовечните и постарите возрасни лица, што има значителни придобивки за јавното здравје преку поттикнување достапни, одржливи практики за зачувување на когнитивното здравје“, наведуваат истражувачите.
Деменцијата е сложена состојба и се смета дека вклучува голем број фактори. Претходните студии, на пример, пронајдоа врска помеѓу вештините за просторна навигација и волуменот на мозокот, што се совпаѓа со она што го откриле истражувачите: дека велосипедистите на крајот имале поголем волумен на хипокампусот.
Возењето велосипед не им одговарало на луѓето со варијантата на генот АПОЕ4 поврзана со Алцхајмерова болест.
При креирањето на студијата беа земени предвид влијанието на возраста и образованието, но студијата не покажува директна причинско-последична врска, има многу параметри кои не беа следени.
Она што го знаеме е дека деменцијата е растечки проблем во светот како што старее населението. Методите за намалување на ризикот од деменција се многу корисни и потребни, а возењето велосипед може да биде една од достапните опции за одржување на менталното и физичкото здравје.