недела, 7 декември 2025

Научникот од Харвард, Ким Кардашијан и кометата што веројатно не е вонземски вселенски брод

Научниците што ги проучуваат кометите се мачат да останат во чекор со популарните шпекулации дека меѓуѕвездениот објект 3И/АТЛАС е испратен во нашиот Сончев систем од вонземска интелигенција, пишува Њујорк тајмс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Ким Кардашијан непосредно пред Ноќта на вештерките возбудено му постави прашање лидерот на НАСА.

„Чекај… што е муабетов со 3И/АТЛАС?!?!!!!!!!????????“ напиша таа на Икс.

Госпоѓата Кардашијан се распрашуваше за кометата наречена 3И/АТЛАС што шета низ нашиот агол од универзумот.

Шон Дафи, вршител на должноста управител на НАСА, и самиот поранешна ѕвезда во ријалити-шоуа, одговори мотивирачки, како професор по природни науки во средно училиште.

„Одлично прашање!“ рече тој, објаснувајќи дека „3И“ (3 Interstellar) значи дека е трет објект за кој се знае дека дошол од надвор од нашиот Сончев систем.

Тој ја уверуваше дека, што и да слушнала за можното потекло на кометата, нема причина да се вознемирува.

„Нема вонземјани“, рече тој. „Нема закана за животот овде на Земјата.“

Ова купче карпи, прашина и мраз, и прашањето дали е испратено од некои интелигентни суштества, одеднаш стана актуелна тема во главите на многу луѓе.

Кардашијан праша за тоа. Праша и Џо Роган во неговиот поткаст. Наплив од луѓе го прашуваа Гугл за планетарната одбрана на НАСА.

Ендру Симион е главен истражувач за проектот Брејктру лисн, кој користи големи радиотелескопи за пребарување вонземски комуникации. Тој рече дека неодамна бил на аеродром кога некој што го прислушувал неговиот разговор „го зграпчил за рамо и рекол: ‘Зборуваш за 3И/АТЛАС?’“ Му потврдил на туѓинецот.

„Луѓето се свесни за тоа“, рече д-р Симион, „и луѓето се многу возбудени поради тоа.“

Озлогласеноста на оваа комета може да му се припише на Ави Лоеб, астрофизичар од Харвард, добро познат по неговото истражување на црните дупки, темната материја и други теми од стандардната наука.

Но изминативе неколку години тој многу шпекулираше и за вонземјаните.

Д-р Лоеб се појави во голем број емисии од јули, кога 3И/АТЛАС првпат беше забележан од Системот за последно предупредување за удар на астероид во Земјата (тоа значи зборот „АТЛАС“ во името) на Универзитетот на Хаваите. Тој неколку часа разговараше за темата со Роган и напиша низа есеи во кои се прашува дали кометата можеби е тројански коњ испратен од вонземјани да шпионираат на Земјата, или уште полошо.

„Дали 3И/АТЛАС е маскиран во комета“, напиша неодамна д-р Лоеб, „или навистина е ледена карпа од природно потекло?“

Тој забележа дека на 19 декември, шест дена пред католичкиот Божиќ, кометата ќе помине на најмало растојание од Земјата, од околу 280 милиони километри. „Дали 3И/АТЛАС ќе испрати мали сонди кон Земјата како божиќни подароци за човештвото?“, праша тој.

Според д-р Лоеб, шансите потеклото на 3И/АТЛАС да е неприродно се 30 до 40 проценти. Неговиот аргумент се потпира на навидум неверојатни совпаѓања и необични карактеристики забележани на кометата.

Тоа толкување е во остра спротивност со она на многу други научници, кои велат дека не гледаат знаци на ништо неприродно.

„Целата тема е контаминирана од ова тврдење дека можеби е вселенско летало“, вели Дејвид Џуит, астроном на Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес. „Па мислам дека во умовите на луѓето, знаете, аха, тоа е вселенско летало.“

И, додава тој, кога експертите велат дека не е, многу луѓе мислат дека тие „кријат нешто“.

Сè што е забележано од двата телескопи на земјата и во вселената „се совпаѓа со она што го гледаме кај другите комети“, рече д-р Џуит. „Тоа е сосема објаснето, но Ави систематски ги зел овие работи и ги протолкувал на поинаков начин, на мое разочарување.“

Д-р Лоеб инсистира дека е спремен да го промени своето мислење како што се вршат повеќе набљудувања, но дека сака политичарите да го сфатат сериозно како потенцијална закана.

„Она што го велам е дека треба да ја разгледаме оваа можност“, рече д-р Лоеб во едно интервју.

Спремноста на д-р Лоеб да ја разгледа таа можност ја има кај голема публика, која го комбинира вечното филозофско прашање – „Дали сме сами во универзумот?“ – со теориите на заговор дека експертите и владата ја кријат или игнорираат вистината. (Кардашијан првпат го привлече вниманието на Дафи кога во својата емисија рече дека мисли дека НАСА ги лажирала слетувањата на Аполо на Месечината.)

Фото: скриншот

Научните експерти за комуникација како Ден Фејгин, директор на програмата за известување за наука, здравје и животна средина на Универзитетот во Њујорк, велат дека не мора да е лошо научниците да ги отвораат темите – како вонземјаните – што разбирливо фасцинираат многу луѓе.

„Важно е да се разгори научната љубопитност, вклучително и кај луѓето како Ким Кардашијан“, вели Фејгин.

Но, додава тој, „Исто толку е важно, а можеби и уште поважно, да се зборува за тоа колку е веројатно нештото, да се зборува за веројатноста, како и за можноста.“

Д-р Лоеб признава дека „30 до 40 проценти“ се впечаток, а не научен заклучок од статистички податоци. „Ова не се базираше на пресметка“, рече тој, „бидејќи е невозможно да се направи пресметка за ова.“

Во најголем дел, 3И/АТЛАС изгледа и се однесува како комета, направена од истата материја како обичните комети во Сончевиот систем – вода, прашина, јаглерод диоксид и јаглерод моноксид. Набљудувањата од вселенскиот телескоп Хабл покажуваат дека е широка најмногу 6 километри, а д-р Џуит рече дека може да биде значително помала, можеби километар.

Кометата навистина поседува необични својства, вели Њујорк тајмс. Кога беше откриена, на повеќе од 650 милиони километри од сонцето, 3И/АТЛАС веќе беше опкружена со облак од прашина и гас. Тоа се разликува од типичната темна и инертна состојба на повеќето комети на тоа растојание.

Некои елементи од нејзиниот хемиски состав се чудни. Таа има многу повеќе јаглерод диоксид од повеќето комети на Сончевиот систем, како и високи нивоа никел.

Како што 3И/АТЛАС сѐ повеќе се приближуваше до сонцето минатиот месец, таа значително се осветли, а нејзината боја се промени, добивајќи сино-зелени нијанси. Нејзината патека на движење исто така не е баш онаква каква што би се очекувало за нешто што е привлечено само од гравитацијата на сонцето, вели Њујорк тајмс.

Веднаш штом беше откриена 3И/АТЛАС, д-р Лоеб почна да шпекулира за овие необичности.

Негравитациската сила што ја турка кометата и сино-зелената нијанса би можеле да бидат палење ракетен мотор, посочи тој. (Млазевите од гас што се исфрлаат од површината би можеле да дадат сличен погонски ефект, а промената на бојата, што е забележано и кај други комети, би можела едноставно да биде сјајот на молекулите што „бегаат“ од кометата, кои потоа се вжарени од сончевата светлина.)

Д-р Лоеб, исто така, истакна дека 3И/АТЛАС патува во речиси иста рамнина како и орбитите на планетите на нашиот Сончев систем. Сончевиот систем е навален под агол од 60 степени во однос на дискот на галаксијата Млечен Пат, па затоа движењето на кометата во иста рамнина како планетите би можело да биде уште еден индикатор дека траекторијата е намерна, а не случајна, рече тој.

Но други астрономи велат дека она што д-р Лоеб го смета за намерен дизајн најверојатно е случајност. Тие исто така велат дека треба да се очекува еден објект што се формирал околу друга, различна ѕвезда и патувал низ Млечниот Пат да изгледа поинаку.

„Па дојде однадвор од нашиот Сончев систем, аман“, вели д-р Сиемион.

Без разлика кој е изворот на кометата, нејзините необични својства би можеле да дадат знаци за далечните делови од галаксијата Млечен Пат што денешните научници никогаш нема да можат да ги посетат.

Јаглерод диоксидот, на пример, може да биде резултат на милијардите години бомбардирање од високоенергетски космички зраци што ги пруредиле хемиските врски на јаглерод моноксидот и молекулите на водата.

„Тоа ни кажува нешто навистина важно и за тоа како се формирала и за нејзиното патување“, рече Џон Нунан, планетарен научник на Универзитетот Обурн.

Деталите за специфичните изотопи на јаглерод, азот и други елементи би можеле да дадат индиции за тоа околу каков тип ѕвезда се формирала 3И/АТЛАС.

Еден месец откако 3И/АТЛАС престана да биде видлива од Земјата бидејќи беше премногу блиску до сонцето, таа ни се врати во видно поле движејќи се кон својот излез од Сончевиот систем.

Во наредните недели повторно ќе биде набљудувана од телескопите Џејмс Веб и Хабл.

Еден нов телескоп финансиран од САД во Чиле, опсерваторијата Вера Рубин, ќе пронајде многу повеќе меѓуѕвездени објекти во наредните години.

Госпоѓата Кардашијан не кажа јавно дали Дафи, раководителот на владината агенција за која таа вели дека ги лажирала слетувањата на Месечината, ја убедил дека 3И/АТЛАС не е освојувачко вонземјанско вселенско летало.

Но д-р Лоеб дрско ја покани да му се придружи во неговиот истражувачки тим.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ