четврток, 10 јули 2025

Најконтроверзниот проект на 21 век започна: Британците создаваат вештачки човечки геном

Во Велика Британија започна работата на еден од најамбициозните и најконтроверзни научни проекти во областа на генетиката – создавање вештачки човечки геном од нула, што, според експертите, е првиот ваков потфат во светот.

Фото: Пиксабej

Објавено на

часот

Сподели

Овој проект, кој досега не беше возможен поради етички и социјални грижи, вклучувајќи го и стравот од појавата на таканаречените „дизајнирани бебиња“ и непредвидливи последици за идните генерации, сега добива поддршка од најпрестижната британска фондација, „Велком Траст“, ​​која обезбеди десет милиони фунти за да ја започне својата работа, пренесува денес Би-би-си.

Еден од научниците вклучени во проектот, д-р Џулијан Сејл од Лабораторијата за молекуларна биологија на Советот за медицински истражувања во Кембриџ, изјави за Би-би-си дека ова е голем чекор напред во биологијата.

„Целта е да се развијат терапии што ќе овозможат поздраво стареење, намалена фреквенција на болести и регенерација на оштетените органи, како што се црниот дроб, срцето, па дури и имунолошкиот систем“, изјави Сејл.

Проектот, наречен „Синтетички човечки геном“, е дел од поширока иницијатива што се развива 25 години по завршувањето на Човечки геном, голем меѓународен потфат што овозможи да се „прочита“ комплетниот запис на човечката ДНК.

За разлика од претходната работа, новата фаза вклучува создавање на ДНК секвенци целосно од нула, молекула по молекула, со цел еден ден да се изгради цел човечки хромозом.

Директорот на Институтот „Велком Сангер“, професор Метју Херлес, изјави дека проектот ќе овозможи тестирање на тоа како навистина функционира ДНК, што досега беше можно само преку модификација на постоечкиот генетски материјал.

Сепак, проектот предизвика загриженост кај експертите и пошироката јавност, а критичарите предупредуваат дека технологијата може да биде злоупотребена – од обиди за создавање подобрени луѓе до развој на биолошко оружје.

Слично предупредување даде и професорот Бил Ерншо од Универзитетот во Единбург, посочувајќи дека „ако една организација има пристап до потребната опрема, речиси е невозможно да се спречи да синтетизираат што сакаат“.

Предмет на расправа е и прашањето за сопственоста на евентуално создадените вештачки биолошки единици, како и податоците кои произлегуваат од тоа.

„Веруваме дека е подобро одговорно да се развива оваа технологија, со отворена дискусија за етичките и моралните прашања, отколку нејзиниот развој да се остави неконтролиран“, заклучи д-р Том Колинс од Фондацијата Велком.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ