вторник, 23 декември 2025

Кинески научници открија како да го намалат ризикот од прегревање на литиум-јонските батерии

Кинески истражувачи од Универзитетот во Хонг Конг развија нов вид литиум-јонска батерија што значително го намалува ризикот од прегревање и опасност од пожар. Нивниот пристап ја менува хемијата на батеријата, а не процесот на производство, така што иновацијата може брзо да се воведе во постојните производствени линии, а воедно да се одржат високи перформанси, пренесува порталот Галф њуз.

Фото: Пиксабej

Објавено на

часот

Сподели

Новиот метод на кинески научници го менува стандардниот течен електролит во батеријата со мешавина од два растворувачи чувствителни на температура.

Електролитот е целата хемиска супстанца во батеријата што овозможува проток на јони помеѓу катодата и анодата, а кај литиум-јонските батерии електролитот обично содржи растворувач и литиумска сол. Растворувачот е течниот дел од електролитот што ја раствора литиумската сол и овозможува јонска спроводливост.

Според ново откритие на научниците, на нормални температури, првиот растворувач ја одржува стабилноста и перформансите на батеријата, додека вториот реагира на прегревање и го спречува зголемувањето на температурата што во други ситуации би можело да доведе до пожар.

Лабораториските тестови покажуваат дека батеријата со новиот електролит, кога ќе се пробие со шајка, се загрева само за 3,5 степени Целзиусови, додека температурата кај стандардните батерии во истата ситуација се искачува на 555 степени, што е доволно за да се стопи металот.

Независни експерти го оценуваат истражувањето како иновативно и значајно бидејќи ја подобрува безбедноста без да се намалат перформансите, а трошоците за воведување на оваа технологија се само малку повисоки од стандардното производство.

Истражувачите веќе се во преговори со производителите на батерии, а комерцијалните производи со оваа технологија би можеле да се појават на пазарот за три до пет години. Тестирањето за поголеми батерии, како оние за електрични автомобили, сè уште е во тек, но експертите се оптимисти.

Литиум-јонските батерии напојуваат повеќето современи уреди како што се паметните телефони и лаптопите, новиот метод би можел значително да ја подобри нивната безбедност.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ