петок, 18 октомври 2024
Акција на МВР и ОЈО ГОКК

Разбиена е криминална група, уапсени се 14 луѓе, посредувале во проституција и тргувале со дрога

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) ја координираше акцијата на Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал (ОСОСК) при МВР и истражители од Истражниот центар на ОЈО ГОКК, во рамките на која е целосно разоткриено злосторничко здружување во западниот дел од Македонија. Во акцијата од слобода се лишени 13 лица, а едно лице е недостапно на органите на прогонот. Претреси се извршени на 17 локации во тетовскиот регион и во Охрид, соопштија попладнево од ОЈО ГОКК.

Фото: Архива

Објавено на

часот

Сподели

Според ОЈО ГОКК, групата одреден временски период се занимавала со посредување во вршење проституција и недозволена трговија со дрога, а нелегално стекнатите приходи од овие кривични дела припадниците на групата ги прикривале со перење пари и други приноси од казниво дело.

„Организираната група ја создал 35-годишник од селото Боговиње, кој ги организирал и координирал криминалните активности на другите припадници на групата и во угостителски објекти во селата Жеровјане и Горно Седларце и во Охрид наведувал на проституција девојки-странски државјанки кои работеле како танчерки во стриптиз-клубови. Фактичкото работење на два од клубовите го организирал и раководел неговиот брат (второосомничениот), додека третиот осомничен раководел и ја организирал работата на стриптиз-клубот во Охрид. Четвртиот осомничен учествувал во наведувањето на проституција на девојките во угостителските објекти и бил задолжен за организација на нивното патување и влез во земјава, како и за олеснување на процедурите за добивање на документи за легален престој за странските државјанки, а давал и насоки за криминалните активности на другите припадници на групата во однос на сместување и превоз на девојките. Петмина припадници на злосторничкото здружување биле задолжени за обезбедување и неовластена продажба на дрога, најчесто кокаин, на девојките и гостите во угостителските објекти. Едниот од нив ги помагал и олеснувал активностите за пренос на дрогата и посебно бил ангажиран за предупредување при полициските контроли и бил задолжен да го следи движењето на полицијата на патот кон клубовите за што ги информирал членовите на групата“, информираат од ОЈО ГОКК.

Според сознанијата на ОЈО ГОКК, други двајца осомничени припадници на групата учествувале во наведувањето на проституција на девојките.

„Тие биле задолжени за обезбедување на девојки кои ќе работат во стиптиз клубовите, ги пронаѓале преку нивни контакти во странски држави, веб страници и на интернет, го организирале нивниот влез во земјава, организирале изработка на лажна документација за фиктивен престој на девојките по хотели со што ги заобиколувале процедурите за добивање легален престој од управните органи. За превоз на девојките од аеродром и автобуските станици до стриптиз клубовите каде престојувале и биле сместени, како и превозот при нивното движење пред и по работата во ноќните клубови бил задолжен дванаесеттиот осомничен. Дел од криминалната група биле и две службени лица – затворски службеник од Затворот во Тетово и полицаец – виш инспектор од Тетово кои користејќи ја својата својата позиција и контактите, ја предупредувале групата за полициски акции, а вршеле влијание и за олеснување на прекршочните постапки кон групата и кон странските државјанки“, соопштија од ОЈО ГОКК.

Јавен обвинител од ОЈО ГОКК повел истрага против сите инволвирани за кривичните дела злосторничко здружување и посредување во вршење проституција. Тројца се осомничени и за кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело, додека против петмина од осомничените е поведена истрага и за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.

Во текот на денешниот ден осомничените ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје.

„Јавниот обвинител имајќи ги предвид околностите цени дека се исполнети условите за определување на мерка притвор, па на судијата на претходна постапка за сите осомничени ќе предложи да им биде определена мерка притвор“, информираа од ОЈО ГОКК.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ