Музејот на Универзитетската библиотека со раритетна библиотечна поставка е во стариот објект на некогашната „Градска народна библиотека“, импозантна градба прогласена за споменик на културата што се наоѓа во старото заштитено градско јадро. Првите погледи во внатрешноста на Музејот, нашите посетители ги вперуваат во две печатарски машини кои сведочат за нашето културното и историско минато, вели Маријан Колевски, библиотекар на работно место – информации.
– На печатарската машина „Paul Muller“-Berlin, испечатен е тиражот на вториот број на весникот „Нова Македонија“. Познат е точниот ден и месец кога тоа се случило, односно весникот е печатен во вторник на 14 ноември 1944 година, во тогашната Државна штампарија и цинкографија „Гоце Делчев“ во Битола. Во Музејот изложена е и печатарска машина „Josef Anger & Sohne“-Wien, која била користена во печатницата „Гутенберг“-Битола и на која се печателе летоци, прогласи и други материјали во годините на окупацијата. Со изложената машина во нашиот Музеј, испечатен е „Проглас од Првото заседание на АСНОМ“, одржано на 2 август 1944 година во манастирот Прохор Пчински. Печатницата „Гутенберг“ беше во сопственост на браќата Владимир и Петар Димови од Битола. Во значајните музејски машини и предмети се една хефталица со која се спојувале страниците и листовите на печатените материјали, потоа стега, преса со која се лепеле и прицврстувале печатените материјали во процесот на работа, но и други предмети, нагласи Колевски.
Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“-Битола е современа установа која почнала со 300 книги, а денеска располага со преку 500.000 единици библиотечен материјал, од нив значаен дел или над 70.000 се библиотечни добра кои го отсликуваат минатото на градот и државата. Старите и ретки монографски и периодични публикации кои што се издвоени од останатиот библиотечен материја се изложени во музејската постава на библиотеката со цел да се презентираат до јавноста. Библиотеката располага со 279 уникатни примероци на книги кои што во нивниот библиографски запис се означени како раритетни.
-Најстарата публикација печатена во Париз е прирачник по медицина од 19 век, издание од 1853 година на француски јазик, односно Manuel de médecine opératoire, односно прирачник за оперативна медицина од авторот Joseph François Malgaigne. За посетителите посебно внимание привлекува изложениот препис на познатото „Огледало“ од Кирил Пејчиновиќ од 1816 година, потоа Добромирово Евенгелие од 12 век, второто оригинално издание од 1919 година на книгата „Божествена комедија – Пеколот“ од Данте Алигиери, печатено на хрватски јазик, а ги имаме и романот Vie de Jésus (Животот на Исус) од Ернест Ренар издаден во 1863 година, прирачникот Manuel du chimiste-agriculteur од Арманд Флорент Пурие издаден во 1866 година, една публикација издадена во 1871 година во Цариград во „Печатница на Македонија“, монографски публикации од периодот 1879-1945 година, периодични публикации од 1927-1973 година и други. Но, имаме и книги што се во фаза на реставрација, а кои биле донирани од битолчани кои ги чувале во своите домашни библиотеки. Тоа се книги кои останале во конзулскиот период на градот, а се пишувани на француски, грчки, руски, српски и други европски јазици печатени и издадени по 1800 година. Во депото на библиотеката грижливо се чува и првиот том од делото „Војна и мир“ од Лав Николаевич Толстој, печатено во Москва во 1912 година, посочи библиотекарот Колевски, кој од 2022 година е уредник на списанието „Библиотечен тренд“.
Библиотеките имаат голема традиција и влијание во културната историја на секоја држава. Нивната главна функција им овозможува на корисниците пристап до нивните фондови, а со тоа и пристап до културното богатство кое го поседуваат. Библиотечниот материјал што е утврден како библиотечно добро согласно Законот за заштита на културното наследство и реткиот библиотечен материјал и согласно на акт за заштита, е прогласен за културно наследство и истиот е под посебен правен режим на заштита како културно наследство. Меѓутоа, појаснува Колевски, како културно наследство во смисла на овој закон се сметаат и материјални и нематеријални добра коишто, како израз или сведоштво на човековото творештво во минатото и сегашноста или како заеднички дела на човекот и природата, поради своите археолошки, етнолошки, историски, уметнички и други научни и културни вредности, својства, содржини или функции, имаат културно и историско значење и заради нивна заштита и користење се наоѓаат под правен режим и посебна заштита.
-Нашите посетители долго време минуваат набљудувајќи ги личните предмети и раритетни примероци на ракописи од Анте Поповски, Владимир Костов и Ванчо Николески. Фотографирањето до непроценливо вредната оставштина од поезијата на Анте Поповски, романи на Владимир Костов или дела на писателот Ванчо Николески е неизбежен сегмент при посетата на нашиот Музеј. Веднаш до ова изложебно катче се и повеќе македонски стари книги меѓу нив „Македонски правопис“ изработен од Комисијата за јазик и правопис при Министерството на народната просвета, Збирка на македонски народни песни од Блаже Конески, „Бели мугри“, песни од Кочо Рацин, едночинката „Гладна кокошка просо сонуе“ издание на Мала Остенова библиотека, читанка за трето одделение, Буквар за возрасни, книга за Кочо Рацин, „Сердарот“ од Григор Прличев и други. Со откривање и зачувување на овие книги кои сведочат за нашите сопствени корени, ние ја градиме и извишуваме нашата сопствена култура.. Затоа наша обврска е да се грижиме за тој материјал најдобро што можеме, да го откриваме и промовираме нашето културно минато и да воспоставиме со него единствен и културен континуитет кој ќе претставува основа на нашата држава за идните генерации, посочи Колевски.
НУ Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“-Битола во 1954 година е прогласена за македонски депозитар и има постојан прилив на библиотечен материјал кој претставува нејзин задолжителен примерок. Архивскиот примерок го сочинуваат преку 70.000 единици библиотечен материјал кој што е со континуиран прираст. Библиотеката располага и со 1227 одбранети магистерски трудови во период од 1978-2021 година и 399 докторски дисертации од 1978-2023 година кои што исто така претставуваат задолжителен примерок на установата т.е. нејзино библиотечно добро. Библиотечните добра со кои располага установата претставуваат значаен библиотечен материјал кој дава слика на нашето културно и историско минато, и секако во него е презентирана историјата на овој простор и темелните вредности на македонскиот народ.
MИА