„Верските празници го воздигнуваат човекољубието, така што изминатиов месец покажавме дека не е важно на која религија припаѓаме, туку е важна меѓусебната почит и разбирање, кои нѐ прават сите нас подобри и духовно побогати“, наведува Митрески во честитката.
Тој нагласува дека во тоа се и убавините на ифтарските вечери, на кои, како што вели, го покажавме меѓусебното разбирање и толеранција, но и споделивме заеднички моменти, кои секогаш ќе останат во нашите срца.
„Почитуван Фетаи, Вам ви посакувам добро здравје и волја и мудрост во својата мисија да бидете водач на верниците и да бидете нивна поддршка во сите искушенија со кои се соочуваат. Заедно да ги воздигнуваме вредностите што обединуваат. Празникот Рамазан Бајрам нека донесе мир во срцата, спокој во душите, радост и слога во домовите! Честит Рамазан Бaјрам“, нагласува Митрески во честитката до Реисул Улема на Исламската верска заедница Шаќир Ефенди Фетаи и до граѓаните од исламска вероисповед.
Честитки по повод празникот упати и премиерот Талат Џафери.
„Посакувам Рамазан Бајрам да донесе здравје, мир, благосостојба и хармонија во душата, во семејството, во државата. Тоа е празник што ги обединува семејствата, блиските, пријателите, соседите низ векови, пренесувајќи ја вредносната порака дека само заедничката среќа носи вистинска среќа. Тоа е празник кој поттикнува солидарност и духовна сила кај луѓето за меѓусебна почит, за трпение и разбирање, како единствен пат кон посакуваниот мир. Затоа да правиме добри дела, да бидеме секогаш еден до друг и со подадена рака еден кон друг да напредуваме сите заедно“, напиша Џафери.
Големиот празник го означи крајот на триесетдневниот пост од утро до мрак во кој секој муслиман покрај од храната и пијалакот се откажува и од лоши мисли и дела, посветувајќи се на молитва и на духовност. Како еден од столбовите на исламот, Рамазан е месец на добрина, милост, љубов и простување, порача претседателот на државата Стево Пендаровски во честитката по повод Рамазан Бајарам.
„Токму во духот на празникот, не само во претстојните три празнични дена, туку и во текот на целата година да живееме во мир и во хармонија, да бидеме солидарни и љубезни, исполнети со среќа и со радост. Сите сплотени да споделуваме со нашите ближни, со нашите поблиски и подалечни соседи, визија за благосостојба, просперитет и развој на нашата заедничка татковина“, истакна претседателот Пендаровски во честитката.